Меценството го поврзува естетскиот вкус со моќта. Со купување слики и скулптури, колекционерите го диктираат вкусот, поддржуваат уметнички кариери и преку портретирањето, создаваат трајни слики за себе. Уметноста, исто така, може да се најде во служба на дипломатијата.

Со векови, патријархалните општества во светот ги исклучувале жените од традиционалните лидерски улоги. Како мецени, жените можеле да ја покажат своја моќ на разни креативни начини. Според Вирџинија Трејнор, помошник-кустос во Националниот музеј за жени во уметноста, на овој начин „жените го промениле текот на историјата на уметност“. Иако листата е многу долга, сепак тука издвојуваме едни од поважните мецени низ историјата, кои го променија погледот кон уметноста.

Хатшепсут (околу 1508 – 1458 г.п.н.е.) – египетска фараонка

Општеството во Новото египетско кралство со кое владеела Хатшепсут било многу конзервативно, односно немало простор за жените во политиката. Но по смртта на нејзиниот сопруг, таа станала регент на нејзиниот посинок Тутмос Трети. По шест години, таа се самопрогласила за фараонка и ја консолидирала нејзината власт преку уметноста.

Хатшепсут итро одлучила да ја минимизира својата женственост во бројните скулпторски портрети на кои себеси се претставувала како маж. За време на нејзиното владеење се забележуваат големи уметнички иновации и креативност што ги поставиле темелите за „Златната доба“ на Новото египетско кралство.

Ливија Друсила или Јулија Августа (околу 58 г.п.н.е. – 29 г.н.е.) – римска императорка

Ливија, сопругата на првиот император Октавијан, сакала преку скулптурата да ја претстави својата улога во Рим и во империјата, па така преку релјефните скулптури ги претставувала своите врски со другите членови на царското семејство, преку монетите ги наметнувала императорските политики, а со скапоцените камења ја покажувала истата визија, но пред одбрана публика. Ливија ги покажувала своите доблести преку строга слика на скромноста и едноставноста, но сепак сакала да се истакне меѓу другите жени од елитата.

Теодора (497 – 548 г.) – византиска царица

Теодора од актерка, професија која во тоа време се поврзувала и со проституција, станала влијателна фигура во создавањето на Византиското царство. Теодора се запознала со Јустинијан, внукот на царот, во Константинопол кога имала 21 година. И покрај нејзиниот општествен статус, царот толку се вљубил во неа што го променил законот со кој се забранувал бракот меѓу нив. Откако се искачила на престолот, Теодора го искористила нејзиниот авторитет да ги поддржи правата на сексуалните работнички и вовела закони со кои се забранува силувањето. Додека била на власт, царицата поддржувала значајни градежни проекти што ја покажувале доминацијата на царската двојка, воедно и на царството. Еден од нив е изградбата на црквата „Св. Софија“, која била осветена во 537 година.

Изабела д’Есте (1474 – 1539 г.) – маркизата од Мантуа

Како влијателна и сакана политичарка, мецена и модна икона, Изабела д’Есте позната и како „првата дама на ренесансата“, го претворила градот Мантуа во важен културен центар. Поради љубомората на нејзиниот сопруг, морала да побегне во Рим каде што почнала да се движи во влијателните кругови на папата Лав Десетти, кој самиот бил мецена, и комуницирала со уметниците како Леонардо да Винчи, Микеланџело Буонароти, Тицијан, Пјетро Перуџино, Андреа Мантења, Џовани Белини и Џорџоне. На нејзините портрети секогаш била претставена со блед и кралски лик, со извонреден вкус за облекување. По смртта на нејзиниот сопруг, станала регент на Мантуа, заедно со нејзиниот син, а преку нејзиното аристократско потекло, таа воспоставила врски ширум Европа за да го наметне нејзиното влијание.

Хурем Султана, Александра Лисовска-Рокселана (1505 – 1558 г.) – османлиска царица

Со нејзината кокетност и вештите интриги во палатата, Рокселана од робинка во харемот на султанот Сулејман Величествениот станала негова прва сопруга. Во харемот, таа го научила турскиот јазик, принципите на исламот, уметноста на заведувањето и го добила името Хурем („радосната“). Рокселана толку го воодушевила султанот што тој ја прекршил традицијата и имал повеќе деца со неа. После долги години се оженил со неа и на тој начин таа ја добила својата слобода. Таа имала огромно влијание врз царството со својата филантропија и значајни градежни проекти, како што е нејзиниот комплекс во Истанбул, кој вклучува џамија, училиште, болница и јавна кујна. Откако харемот бил уништен во пожар, Хурем ја искористила шансата да се пресели во палатата Топкапи што се смета за преседан кај султанските сопруги со што започнала ерата на „женското владеење“.

Токугава Масако (1607 – 1678 г.) – јапонска царица

Царицата Токугава Масако одиграла клучна улога во креирањето на културата и естетските вредности во мирниот период Едо. Таа го искористила своето богатство за да ги изгради познатите храмови во Кјото и да ги собере уметничките дела на водечките уметници. Токугава пишувала поезија, експериментирала со калиграфијата и особено била заинтересирана за мода и текстил. Заедно со нејзиниот сопруг одржувале директни врски меѓу царското семејство и уметниците. Во нејзините одаи имало уметнички дела што мешале класични стилови и сцени од современиот живот.

Мадам де Помпадур (1721 – 1764 г.) – маркизата де Помпадур, љубовница на францускиот крал Луј Петнаесетти

Жана Антоанета Поасон, подобро позната како Мадам де Помпадур, нарачала толку многу уметнички дела додека била во францускиот двор што француските писатели од 19-тиот век ја нарекле „заштитничка и кралица на рококото“. На нејзините портрети таа сакала да го покаже својот стил, постигнувања и моќта во дворот. На сликите секогаш е нацртана со книги, глобуси, статуи и инструменти, со цел да се претстави како трендсетерка и да го покаже нејзиниот гламурозен живот во Просветителството. И покрај крајот на љубовната врска со кралот, Мадам де Помпадур продолжила да живее во Версај и да го наметнува своето влијание во дворот.

Катерина Велика (1729 – 1796 г.) – руска царица

Катерина Велика ја искористила уметноста да ги воздигне статусот и моќта на Русија. Бидејќи собирањето уметнички дела го гледала како конкуренција, откако седнала на престолот, таа веднаш купила 225 слики меѓу кои имало дела на Франс Халс и на Рембрант. За да ја покаже својата надмоќ, Катерина Велика постепено собирала цели приватни збирки што достигнале број од дури 4.000 слики. Во 1764 година, Зимската палата ја претворила во изложбен простор за нејзината колекција, а во 1852 година за јавноста биле отворени галериите во музејот Ермитаж во Санкт Петербург.

Царицата Циси (1835 – 1908 г.) – кинеска царица од династијата Џинг

Царицата Циси сакала светот да не ја гледа како немилосрдната „аждаја“, иако убила една од конкубините на синот на царот и воедно самата го отрула царот Гуангсу. За да ја подобри лошата репутација, царицата Циси негувала добри врските со странските дипломати и дозволила американската сликарка Кетрин Карл да ја наслика. Царицата била претставена во гламурозна, царска, жолто-сина руба. Портретот му бил покажан на Теодор Рузвелт, а царицата дури и дозволувала да ја фотографираат и потоа фотографиите им ги испраќала на дипломатите за да се претстави како допадлива и почитувана фигура. Циси исто така поседувала и огромна уметничка колекција.

Изабела Стјуарт Гарднер (1840 – 1924 г.) – американска основачка на музејот што го носи нејзиното име

Изабела Стјуарт Гарднер го основала истоимениот музеј во родниот град Бостон, во кој таа ги донела европските ремек-дела. Богатата наследничка веќе била колекционерка на ретки книги и ракописи, но решила својот интерес да го сврти кон европската уметност, па така успеала на аукција да ги наддаде Лувр и лондонската Национална галерија за сликата „Концерт“ на Вермер. Покрај европската уметност, купувала и азиски и исламски уметнички дела и ги изложувала заедно со западните. Самата Гарднер ја надгледувала изградбата на музејот чија архитектура била по теркот на Палацо Барбаро од Венеција. Таа воедно му била мецена на американскиот портретист Џон Сингер Сарџент.

Гертруд Стајн (1874 – 1946 г.) – американска писателка чиј дом во Париз бил собиралиште на авангардата

Преку собирање на уметнички дела, американската писателка ја зацврстила нејзината позиција меѓу авангардистите во Париз. Следејќи ги стапките на нејзиниот брат, се преселила во Париз, на Монмартр, каде што се запознала со боемските уметници, меѓу кои и Пабло Пикасо. Пикасо насликал нејзин портрет кој бил клучен чекор во развојот на модернизмот и потоа на кубизмот. Стајн му станала мецена на Пикасо, а собирала уметнички дела на Пол Сезан, Хуан Грис и Анри Матис.

Кетрин Софи Дрејер (1877 – 1952 г.) – американска сликарка и основачка на Анонимното друштво

Дрејер ја популаризирала модерната уметност во Америка на почетокот на 20-тиот век и станала една од првите американски поддржувачки на концептуалната уметност. Самата била уметница по професија и била вклучена во прогресивната политика. Дрејер ги изложувала своите дела во Европа и во Америка, а на една домашна изложба се запознала со Марсел Дишан. Разочарана од американскиот прием на новата прогресивна естетика, таа станала мецена на други уметници. Отворила уметничко училиште и поддржувала изложби и изведби на модернистички фигури како танчарката Исидора Данкан. Преку Анонимното друштво организирала изложби на Василиј Кандински, Пол Кле и Фернанд Легер, додека истовремено собрала 1.000 уметнички дела кои станале дел од колекцијата на универзитетот Јејл.

А’Лејла Вокер (1885 – 1931 г.) – американска бизнисменка и дел од Харлемската ренесанса

Домот на Вокер во Харлем станал легендарно собиралиште на фигури од Харлемската ренесанса. Заедно со мајка ѝ купиле две куќи на Менхетн и го ангажирале афро-американскиот архитект Вертнер Вудсон Тенди да ги реновира. Во куќата во Харлем, позната како Темната кула, се собирале писатели и музичари како Ленгстон Хјуз, Зора Нил Харстон и Каунти Кален. Нејзините забави биле безбедно место за собирање на хомосексуалци. Токму тука се создала заедницата што извршила огромно влијание врз тогашните афро-американски уметници.

Едит Халперт (1900 – 1970) – руско-американска основачка на галеријата во центарот на Њујорк

Галеријата на Халперт ги претвори изложбите во политички платформи. Халперт ја отворила својата галерија во тогашното боемско Гринич Вилиџ. Ги поддржувала американските уметници како Стјуарт Дејвис, Чарлс Шилер, Бен Шан, Вилијам Зорах и Артур Доув. Таа изложувала дела на незнајни и заборавени уметници од 19-от век. Џејкоб Лоренс токму во нејзината галерија ја имал првата своја изложба за која таа силно се залагала и голем дел од делата завршиле по институциите на Источниот брег. Халперт дури и изложила дела на американскиот сликар со јапонско потекло Јасуо Кунијоши.

Долорес Олмедо Патињо (околу 1908 – 2002 г.) – мексиканска бизнисменка, филантропистка и основачка на музејот Олмедо

Случајна средба во лифт го променила животот на Олмедо. Кога била тинејџерка се запознала со Диего Ривера, кој побарал дозвола од нејзината мајка да ја нацрта, која не знаела дека треба да позира гола. Поради нејзиниот сопруг морала да му ги врати на уметникот 27-те цртежи, но откако се разделила од него, повторно ги вратила во своја сопственост. Во меѓувреме, Олмедо станала успешна бизнисменка и прва жена во бизнисот со недвижности. Ривера, како благодарност што се грижела за него, ѝ го подарил неговиот дом. Таа по неверојатно ниска цена од 1.600 долари купила 25 слики од неговата сопруга Фрида Кало, иако не ѝ се допаѓала како уметник. Во 1994 година го отворила музејот во Мексико Сити што го носи нејзиното име и поради нејзе сите дела на двајцата најуспешни мексикански уметници останале под ист кров.

Пеги Купер Кафриц (1947 – 2018 г.) – американска проферсока, активистка за човекови права и филантропистка

Кафриц и покрај сите перипетии успеала да ја собере една од најголемите колекции на афро-американски уметнички дела во САД, меѓу кои спаѓаат делата на Ел Анацуи, Симон Ли, Хенк Вилис Томас и Кери Џејмс Маршал. Уште кога била на факултет, Кафриц организирала летна уметничка програма за афро-американски студенти, која денес е позната како школата за уметност „Дјук Елингтон“. Во нејзината палата во предградието на Вашингтон организирала забави и настани за собирање политички средства, додека објектот не настрадал од пожар во 2009 година, во кој изгореле над 300 уметнички дела вредни милиони долари. Сепак, нејзиното наследство живее преку нејзините програми и колекции.

Превод: Билјана Здравковска