„Жени пред нервен слом“ е насловот на втората годинешна претстава на „Театар комедија“, која вечерва премиерно ќе биде изведена на неговата сцена, во режија на Иван Лео Лемо, со почеток во 20 часот. Работена според познатиот филм на Педро Алмодовар „Жени на работ од нервен слом“, во неа улогите ги толкуваат актерите: Марина Поп Панкова, Ева Скендеровска, Кристина Ласовска, Жаклина Стевковска, Миа Кантарџиева и др.

– Педро Алмодовар е најуспешниот и светски признаен шпански режисер, автор и продуцент од својата генерација. Тој е режисер на експлозивен колорит, а боите се светлина. Неговите ликови поминуваат низ турбулентни фабуларни лавиринти, но на крајот секогаш ја пронаоѓаат светлината. Исто како и во животот. Реката на човештвото, без обѕир на мрачните канони и опасните меандри, се влева во океанот на љубовта. Затоа Алмодовар создава мелодрами што им се случуваат на ликови со впечатливи животни маски – глумици, проститутки, трансвестити, калуѓерки, хомосексуалци – вели хрватскиот режисер Лео Лемо.

Сценариото за филмот на Алмодовар е адаптирано и за мјузикл, кој беше изведен на Бродвеј во Њујорк и на Вест енд во Лондон, а во регионов досега е изведен уште еден текст на Алмодовар, „Сѐ за мојата мајка“, во 2011 година во Београдско драмско позориште.

На претставата „Жени пред нервен слом“ во „Театар комедија“ работеа и кореографот Лео Мујиќ и сценографката Весна Режиќ. Костимите се на Мирјана Загорец, а композитор на музиката е Звонимир Дуспер-Дус. Автор на дизајнот на плакатот е Сергеј Светозарев, додека соработничка по пеење е Весна Гиновска-Илковска. Директорот Сашо Ристовски смета дека со оваа претстава „Театар комедија“ се запишува на мапата на истражувачи на либералните можности на европската култура, која на патријархалниот Балкан му е повеќе од потребна.