Денеска ќе се одигра премиерата на најновата документарна театарска претстава „Жени“, којашто е правена по текстови на жени болни од рак и во којашто исто така учествуваат како актерки четири жени болни од рак. Премиерата е закажана за во 20 часот, а претставата е во продукција на „Интимен театар“, Битола.

Режијата е на Софија Ристевска-Петрушева, кореографија на Кире Миладиноски, видеоматеријали – Диоген Хаџи – Коста Милевски и фотографии на Петар Тасевски. Играат Невена Стерјевска, Катерина Петровска, Трендафилка Киклевска, Зорица Цибалевска.

Од 2014 година во „Хотел театар“ Битола, функционира Здружението за поддршка на жени болни од рак „Одраз“, во чиишто рамки до денес учествувале над педесетина жени болни од рак, коишто ја преживеале болеста или сè уште се борат со неа. Состаноците на групата ги водат психијатар и д-р на науки Гордана Ристевска-Димитровска и психолог Билјана Атанасовска-Видановиќ. Во 2017 година во „Интимен театар“ Битола, по идеја на режисерката Софија Ристевска-Петрушева, почна иницијатива за создавање театарска претстава во којашто ќе учествуваат, ќе глумат, жени од групата, зборувајќи за болеста и за нивната битка со неа. Ова лето конечно се реализира конкретниот проект – театарска претстава, којашто се создаде по документарни текстови од самите жени.

Во претставата учествуваат Невена Стерјевска, Катерина Петровска и Трендафилка Киклевска, кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка и ракот на матка, како и Зорица Цибалевска, којашто минатата година ја изгуби својата мајка Летка Андреевеска, којашто беше голем поборник за создавање уметност како начин за борба против депресијата кај болните од рак. Наша основна цел е со овој проект да ја подигнеме свеста за редовни прегледи, што би довело до брзо дијагностицирање на ракот, со што би се намалила огромната бројка на заболени од рак, посебно во нашиот Пелагониски Регион.

Претставата е финансирана од Општина Битола и Бит фест ’19. Премиера за 27 август веќе е распродадена. Втора изведба е на 30 август, петок, во 20 часот, а третата изведба на 1 септември, недела, во 20 часот.