ЕХО-фестивалот на планински филм на почетокот на месецов стана член на Меѓународната алијанса за планински филм. На состанокот на Генералното собрание на оваа организација, одржан на 2 септември, во рамки на 68-то издание на Фестивалот за
планински филм во Тренто, Италија, членовите на собранието изгласаа прифаќање на нашиот фестивал како рамноправен член во Алијансата, рамо до рамо со 26 институции од светот – најголеми имиња од светот на планинските фестивали, посветени на промоцијата, збогатувањето и конзервацијата на планинската кинематографија.

Алијансата до овој момент ја сочинуваа 25 фестивали на планински филм и
еден планински музеј – кои претставуваа 19 земји од Европа, Азија, Северна
и Јужна Америка и Океанија. Од сега помеѓу нив е и „ЕХО“ од Македонија.

– На прифаќањето на македонскиот фестивал за член во Меѓународната алијанса за планински филм, гледаме на чин на сериозно вреднување на нашата работа за
нашата публика низ годините, со проекции на скоро 400 филмови, организација
на повеќе од 50 презентации, издавање на книги и организација на разни
други едукативни содржини на тема планини и обработка на широк спектар на
теми кои го претставуваат соживотот на човекот со нив. Но секако и на чин –
кој дополнително не’ обврзува на уште посилна работа – соопштија организаторите на „ЕХО“.

Во овие чудни „ковид“ времиња, ваквата вест и тоа како и ни беше потребна
во овие моменти. Да ни послужи како ветер во грб, да не’ инспирира и да ни
даде елан, да се посветиме во реализција на уште едно издание во малку
поинаква форма сепак.

Најновото издание на Ехо – фестивалот на планински филм ќе се одржи од 5 до 9 октомври, а локацијата и програмата ќе бидат објавени во наредните неколку денови.