Клучни за создавање препознатлив бренд се квалитетот, доследноста и истрајноста. Естетиката кај нас е современа и скромна, и тоа истовремено претставува квалитет и препрека – тешко може да се забележи во морето од агресивно шаренило, но на школуваното око не може да му избега

Брачната двојка Билјана и Братислав Бранковиќ заедно студирале архитектура. Кога во 2007 година дипломирале заедно, дошле до иновативната идеја – архитектура за деца што им овозможува игра и развивање на апстрактното и просторното размислување. Идејата се родила додека и двајцата биле ангажирани како соработници во наставата на Архитектонскиот факултет во Белград и добиле понуда да смислат креативна работилница за деца. Полека почнале да смислуваат голем број прототипи и алатки за работа со деца и набргу сфатиле дека имаат доволно материјали за да креираат производ. Првиот производ го произвеле во 2012 година, архипатерн – сет од шаблони за цртање, а веќе пристигнувале и првите нарачки за сетот. Комерцијализацијата започнала од 2014 година, а побарувачката за овие креативни производи оттогаш значително се зголемила. Во 2012 година ја основаат „Процес“ – независна организација што се занимава со едукација на деца и млади за просторот, архитектурата и одржливиот развој. Околу себе собираат професионалци од сферата на архитектурата, уметноста, педагогијата и културата.
Тие во мај доаѓаат да одржат работилница на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива 2018“ во Младинскиот културен центар.

Што претставува „Процес едукативна архитектура“? Каков е концептот што стои зад овој проект?
– „Процес“ е невладина организација што се занимава со едукација на деца и млади за архитектурата, просторот, градот низ различни видови програми – еднократна работилница на манифестации, летна и зимска школа за архитектура, менторски студентски програми, како и едукативни проекти при институциите за култура.

Се занимавате со едукација на деца и млади за просторот и архитектурата. Како ви успева да ја поттикнете детската љубопитност?
– Како поттик и појдовна точка за работа со деца секогаш го користиме нивното лично искуство. Многу повеќе прашуваме отколку што зборуваме. Децата едвај чекаат да го кажат своето мислење и таа слобода и разлика во односот на училиште веднаш ги опуштаат и поттикнуваат, па имаме добро подготвен терен за т.н. „хандс он“ активности. Следен важен фактор за успешна работилница се добро осмислени алатки и средства за работа. Со тоа особено внимателно се занимававме, па се случи нашите прототипи да го продолжат својот живот во облик на линија на едукативни играчки „архиплеј“.

Соработувате со професионалци од сферата на архитектурата, уметноста, културата… Колку е важно децата да имаат контакт со сите овие области од најмала возраст?
– Ние сметаме дека е многу важно децата да стекнуваат најразлични искуства и да бидат вклучени во активности што од нив бараат промислување, решавање проблеми, што поттикнуваат креативност. Проектите на кои соработувавме, со музеите, на пример, нѐ научија дека не е доволно да се однесат децата на изложба. Тоа секако е важно, но тој „контакт“ кај многу деца останува површен ако се сведе на посета проследена со некој вид објаснување. Се покажа дека на музеите им е потребна поинаква стратегија на креирање млада публика – дополнителна едукативна програма, осмислена за потребите на секоја изложба посебно, со интерактивни работилници за различни возрасти. Дури кога содржината на изложбата ќе стане нивно лично искуство, можеме да кажеме дека децата носат некој дел од тоа со себе.

Своето знаење од архитектурата го насочивте во едукативни активности и во едно специфично производство на архитектонски играчки, со кое ретко кој се занимава во Европа. Кажете ни нешто повеќе за тоа.
– Да, играчките настанаа спонтано – од алатките и средствата за работа со деца што ги осмислувавме за потребите на работилниците. Реакциите на децата и на родителите беа многу добри, постојано добивавме прашања за нивно купување, па потоа одлучивме со тоа да се позанимаваме посериозно. Така настана „архиплеј“ и навистина тоа е една многу специфична област и тесна гранка во која се обидуваме да воспоставиме сопствен идентитет и палета производи.

Како се создава препознатлив бренд во смисла на естетика и намена?
– Сметаме дека квалитетот, доследноста и истрајноста се клучни елементи во нашата област. Естетиката е современа и скромна и тоа истовремено претставува квалитет и препрека – тешко може да се забележи во морето од агресивно шаренило, но на школуваното око не може да му избега. Ние, сепак, сакаме да ја приближиме таа концепција и до родителите што не се од струката на архитектурата и уметноста.

Каква работилница ќе одржите на фестивалот „Скопје креатива 2018“? Што очекувате?
– На работилницата децата сами ќе прават свој сет од куќички, кои потоа ќе се користат за неколку различни едукативни активности – правење климави кули (учење за рамнотежа, вежба за упорност), групирање на облиците според одредени својства (сфаќање на принципот на симетрија и асиметрија, која куќа е погодна за кое поднебје и зошто), решавање визуелни загатки (вежба за перцепција и решавање проблеми).
Очекуваме, како и секогаш, децата да научат нови работи, а тоа да не го ни почувствуваат, бидејќи добро се забавувале.

Имате ли некој совет до учесниците, идните дизајнери, на „Скопје креатива 2018“?
– Мислиме дека е важно да ги формираат своето образование и поле на дејствување широко – да имаат допир со сродни но и со помалку сродни области и творци, да остваруваат нови врски помеѓу традиционалните медиуми на изразување и дигиталната сфера. Исто така, важно е во мноштвото активности да ги препознаат вистинските потенцијали и да си овозможат фокусирано занимавање со она што ќе го почувствуваат како свое.