Десетици сѐ уште неизложени еротски цртежи на Енди Ворхол ќе бидат прикажани во рамките на неговата ретроспектива, во лондонскиот музеј „Тејт модерн“, а летово ќе бидат објавени и во книга. Ташеновата книга „Енди Ворхол: рани цртежи на љубов, секс и желба“, ќе обедини стотина негови дела што датираат од 1950-тите години, додека Ворхол работел како комерцијален илустратор, години пред да стане славен.

Од фондацијата на Ворхол, која е сопственик на цртежите, велат дека во педесеттите години кога се обидел да ги изложи во Њујорк налетал на хомофобни испади и одбивање од галериите. Цртежите ја искажуваат авторовата емотивна ранливост и по изразот воопшто не може да се поврзат со Ворхоловата подоцнежна практика. Освен цртежите, книгата ќе содржи и интервјуа со уметниците со кои соработувал Ворхол, уметник, кој отсекогаш ја сместувал сексуалноста во фокусот на својот израз и го предизвикувал светот да почне да ги гледа работите со поинакви очи, но во 1950-тите американското општество не било подготвено на тоа, а хомосексуалноста била сметана за содомија што најстрого треба да се казни.

Изложбата во „Тејт модерн“ се отвора на 12 март и ќе трае до 6 септември.