Дејвид Хокни

Највлијателни современи уметници на денешницата

Кој би рекол дека епл-пенкалото може да има толкава моќ во рацете на еден човек? Да послужи за создавање на дигитално уметничко дело кое во мај беше претставено во Њујорк, Лондон, Лос Анџелес, Токио и во Сеул. Станува збор за славниот англиски уметник Дејвид Хокни (83) кој ја искористи модерната технологија за да нацрта изгрејсонце за потребите на лондонското метро, односно за логото на станицата Пикадили циркус, а анимацијата потоа се најде и на билборди во петте светски метрополи. Тој црташе на неговиот ајпад и секое утро за време на минатогодишниот карантин што го помина на имотот во Нормандија, Франција, за да ги создаде делата за изложбата насловена „Доаѓање на пролетта, Нормандија 2020“.

И познатиот сонародник на Хокни, Демиен Хирст (56), исто така ги користи погодностите на современата технологија. Во рамки на неговиот проект наречен „Валутата“, Хирст ќе продава десет илјади незаменливи токени (НФТ) врз основа на принтови од неговите уметнички дела, по цена од две илјади долари. НФТ претставува дигитален токен кој содржи двојна вредност – како криптовалута и како уметност.

Демиен Хирст со дело од проектот „Валутата“

Но, двајцата Англичани се прославија со користење на традиционалните техники, создавајќи уметнички дела кои достигнаа високи цени. „Портрет на уметникот (Базен со две фигури)“ чија продажба за 90,3 милиони долари во аукциската куќа „Кристи“ го направи Хокни најскап жив уметник во ноември 2018 година. Тој рекорд го држеше до неодамна. Во 2002 година делото на Хирст „Заспана пролет“, составено од 6.136 таблети, беше продадено за 19,2 милиони долари. Хирст се смета за најбогат британски уметник со капитал проценет на 350 милиони долари, додека Хокни „тежи“ 150 милиони долари.

Заедничко за Хокни и за Хирст е нивното формално образование кое им овозможи да станат едни од највлијателните и најбогати современи уметници. Тие претставуаат пример за важноста на факултетските студии за пробив на уметничката сцена и за остварување на светска слава.

Студентите што ќе се запишат на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во претстојната академска година ќе имаат прилика да добијат образование и обука што ќе им овозможат самостојно да опстојат на домашната или на меѓународната ликовна сцена по завршувањето на студиите. Во рамките на ФЛУ се реализираат студиски програми по сликарство, вајарство, графика и по ликовна педагогија. Пријавувањето за уписот е во тек.