Дијана Петкова, поетеса

„Момент во денот“, енсо-хаику дневник на Дијана Петкова што неодамна ѝ беше претставен на јавноста, содржи 365 хаику-песни напишани на македонски, со превод на англиски јазик, и 365 енсо-круга насликани со акрилик на хартија. Инспириран е од јапонската култура и традиција, доживеана и претставена од уметничко гледиште. Ова е прв ваков дневник изработен од македонска поетеса-уметница на овие простори.

Оригиналноста, несомнено, е многу важна за еден креативен чин. Дали е така и во вашата работа?
– Оригиналноста треба да е одлика на креативците и нивната креативна работа, но кога ќе се роди идеја да изработам некаков проект, не размислувам дали тоа е оригинално или не, едноставно знам дека е, зашто замислата се појавува пред мене во својата целост и ме води до самата реализација. Тоа не ја исклучува можноста, истовремено, и некој друг, на другиот крај од светот да добие иста или слична идеја и да создаде слично дело.
Колку сето тоа влијаеше на вашиот живот, колку креативниот миг катадневно беше спонтан?
– Иако го одбрав дневникот како форма за овој проект и секојдневно пишував по едно хаику и сликав по едно енсо, немав чувство дека се случува нешто поинакво од вообичаеното или дека тоа што го работам коренито го менува мојот живот, но со оваа духовна практика дојдов до сознанија што беа значајни за мене. Сето она што се случуваше од 1 јануари до 31 декември 2018 г. беше составен дел од овој мој животен пат. Непречено и без напор се движев во таа временска линија, дури создавањето на овој дневник донесе уште едно дело, „Растајнување на светлината“ – збирка хаинаку, превртено хаинаку и хаинага, што беше единствена ваква збирка кај нас. Потребата да се создава и да се остави креативна трага е исконска, зашто токму тоа е она што нè издвојува од другите живи битија, но нема потреба од зависност. Впрочем, како ќе го поминеме денот, откако ќе ги отвориме очите наутро додека да ги затвориме навечер и потонеме во сон, е креација…
Како допревте до овие источни проблесоци на филозофијата на живеењето и творењето?
– По објавувањето на „Честичка свесност“, мојата прва хаику-збирка, почнав да работам на проектот „Мамо, што има за јадење?“, хаику-готвач за свесни мажи и жени, збирка составена од макробиотски рецепти, хаику и графики од Дијана Томиќ-Радевска. Поврзувајќи ги трите уметности, готвењето, поезијата и графиката, како да почна да се засилува сеќавањето од некој минат живот, сè ми беше познато и блиско. Покрај разликите, наоѓав и сличности што ги поврзуваат јапонската и македонската култура и можност тие да се испреплетат. Воодушевуваат нивната свесност, дисциплина и организираност, нешто што го усвоив од моите родители, а што честопати знае да наиде на потсмев на овие простори. Претприемништвото веќе триесет години троши голем дел од мојата креативна енергија, па во моментов обврските не ми дозволуваат да се зафатам со подетални истражувања, за да можам да откријам што е она што, иако никогаш не сум била во Јапонија, е инспирација за моето творештво.
Бевте фасцинирана од совршениот склад на природата, но истовремено и малку разочарана од нашата духовна несовршеност?
– Не само во рамките на овој проект туку постојано сум фасцинирана од совршениот склад на природата. За таа моја фасцинација неизмерно сум им благодарна на родителите. Тие, кога бевме деца со сестра ми, постојано организираа и нè носеа на целодневни излети во природа, а зимскиот и летниот распуст ги минував кај баба ми и дедо ми во живописното Пехчево, така што дома се враќав со зацрвенети образи и избистрен ум, преродена. Врската што ја имам со природата е нераскинлива и ја препознав во грижливиот односот што го изградила источната култура кон природата без да ја наруши нејзината хармонија. Не би рекла дека сме духовно несовршени, напротив, ако подзапреме малку, го смириме умот, се самодисциплинираме и си дозволиме да се потсетиме какви битија во суштина сме, целата духовна убавина ќе излезе на виделина.
Колку глобалната пандемија на коронавирусот и сè што донесе таа влијае на вас, како човек, писател, креативец?
– Не може да се биде рамнодушен кон сето ова што му се случува на човештвото. Факт е дека сме принудени да живееме во нова реалност и да наоѓаме различни начини како да продолжиме да живееме и да преживееме во новонастанатите услови. Некои навики ќе мора да ги замениме со нови и повеќе да се грижиме за себе и за другите, сфаќајќи, конечно, колку сме поврзани и колку е важно свеста да ни биде на високо рамниште.
Дали во овие моменти на страв уметноста помага природно и потрезвено да се справиме со предизвиците?
– Од една страна, тажно е што требаше да се случи вакво нешто за многумина да се присетат на потиснатата желба за сликање, пишување, танцување, свирење на некој инструмент, а од друга страна добро е што истите тие што немаа време за своите заборавени желби најдоа време да ги остварат своите неостварени сништа. Секое насочување на мислата кон каква било активност е полезно и придонесува за надминување на стравот и свесно справување со новонастанатата ситуација. Уметноста, секако, е едно такво прибежиште за душата.
Што претставува за вас лично енсо-кругот: спојување, повторување, зародок, минливост, трајност, бескрајност, оставање трага…?
– Енсо-кругот може да биде сето она што е наброено во прашањево, освен повторување. Сликањето енсо, како активност, може да се повторува секојдневно и по неколкупати во денот, но самото енсо не може да биде повторување, зашто никогаш не можеме да насликаме ист круг, можеби сличен, но ист – не. Енсо-кругот, за мене, е целост/целовитост, поточно поврзување со целоста, мистериозен круг на животот.