Одбележано 41-то издание на „Браќа Манаки“

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава беше одбележан со настан во Музејот и завод Битола, на кој присуствуваа филмски професионалци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност. Преку видеопорака се обрати Јануш Камински, лауреат на „златна камера 300“ за животен опус, а пред публиката зборуваше и Столе Попов, кому му беше доделена наградата на ДФРМ, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
– Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите што живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето во кое живееме и во годината во која нашето друштво ја одбележува 70-годишнината – рече Игор Иванов-Изи, претседател на ДФРМ.
Заблагодарувајќи се за наградата, Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но, сепак, има два типа признанија кон кои не може да биде индиферентен – наградите од публиката и од колегите.
– Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа се пред сѐ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во која живее – рече Попов.

На 41-то издание на „Браќа Манаки“ се обрати и оскаровецот Јануш Камински, големиот полско-американски и светски кинематографер.
– Огромна чест ми е што сум добитник на наградата за животно дело. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка.
Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија – порача Камински.
За професијата кинематографер рече дека е најчудесната професија на светот.
– Тоа е уметничка форма што полека но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување, на сенките и светлината. На сите млади кинематографери им порачувам: Мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает – рече Камински.

Од името на фестивалот зборуваше директорката на „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува квалитетна програма за наредното издание.
– Многу ќе ми недостигаат, и мислам дека на сите ни недостигаат, тие осум дена полни со адреналин кога трчаме од едно до друго кино. Знам дека целата оваа година, на идното издание в година, ќе им ја раскажуваме на нашите гости што ќе ги пречекаме овде, во Битола, а тие ќе бидат растрчани од Центарот за култура до Малата сала, до Големата сала, до Магазата, до Пациото и до новото кино „Манаки“, кое Општина Битола, сепак, успеа да го направи – рече Теодосиевска.
Покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните културни настани во нашата земја, во кој се вткаени богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност.