Приватен миг

Еми Лу Пакард, позната уште и како Бети Лу Пакард (1914–1998), била калифорниска повоена уметница позната по сликарството, графиката и фреските. Во 1927 година, семејството Пакард отпатувало во Мексико заради ангажмани на татко ѝ Волтер со мексиканската влада, за некои прашања на аграрните реформи во земјата. Еми тогаш имала 13 години, а веќе сликала и цртала. Мајка ѝ ја запознала со уметниците Диего Ривера и Фрида Кало, означувајќи го почетокот на долгото пријателство и менторство.
По смртта на својот сопруг во 1939 година, повторно заминува во Мексико и почнува да живее со Ривера и со Кало, работејќи како нивна асистентка во студиото. За време на овој престој, направила повеќе фотографии со славната двојка. Оваа фотографија е направена во нивниот дом, Каса азул (сина куќа), кој по смртта на Фрида е претворен во музеј.
За Фрида Кало не треба многу да се зборува, светот одамна зборува за неа како за една од најголемите икони на 20 век. Великаните како Андре Бетон и Пикасо ги ценеле нејзината уметност и единствената искрена визија. Фрида организирала само три изложби од целиот нејзин труд: во Њујорк (1938 година), Париз (1929 година) и во Мексико Сити (1953 година). До моментот кога ја имала изложбата во Мексико Сити нејзиното здравје значително се влошило, а докторите строго ѝ наредиле мирување во кревет. Фрида уште еднаш ги изненадила сите кога во кревет се појавила на нејзината изложба. Креветот бил поставен на средината од галеријата. Иако била неподвижна, била вистинска домаќинка и на сите присутни им овозможила незаборавна вечер. Последното нешто што го напишала во нејзиниот дневник било: „Моето сликање со себе носи болка и тоа ми го уништи животот. Се надевам дека моето заминување од овој свет ќе биде весело и дека никогаш нема да се вратам тука“.