Здружението „Менелај“ – Прилеп ја објави публикацијата „Културни патеки“, електронско буклет-издание посветено на дел од најатрактивните археолошки локалитети во прилепскиот регион. Во публикацијата се претставени Маркови Кули, „Кралската гробница“ во близината на с. Подмол, античкиот бисер Стибера, локалитетот Градиште-Дебреште, но и Трескавец, кој иако е најпознат по средновековната црква, истовремено претставува особено интересен археолошки локалитет, каде што според научната јавност егзистирала античката населбата Колобаиса.

Од Менелај посочуваат дека преку публикацијата низ 44 страници, љубителите на културното наследство ќе можат да дознаат повеќе за опфатените маркантни археолошки локации од Прилепско. Пред читателите се претставени релевантни информации за локалитетите, кои често се предмет на мистификација и шпекулација. Публикацијата е објавена на македонски и на англиски јазик.