„Едни на други“ – мало чудо во големата пандемија

Писателите од регионот спонтано се поврзуваат

Писателите од регионот: Алек Попов, Јовица Ачин, Ана Ристовиќ, Ферида Дураковиќ, Вил Фирт, Игор Ремс, Кемал Мусиќ, Давид Кецман, Иван Берислав Водопија, Радоман Чечовиќ, Весна Шибалиќ, Петар Арбутина, Јованка Вукановиќ, Балша Брковиќ…, меѓу кои и двајца македонски писатели: Лидија Димковска и Александар Прокопиев, се вклучија во книжевниот проект „Едни на други“, настанат за време на пандемијата на коронавирусот. Проектот го почна црногорската писателка Соња Живаљевиќ, а наиде на одличен одзив и резултира со мноштво интересни текстови: есеи, раскази, поезија, напишани во мигот кога човештвото се соочува со огромна закана, а отсуството на физичка и социјална поврзаност на авторите станува нова реалност.

– Во време на оваа корона-окупација, кога беа најстрогите мерки за движење и слободна размена на мислења, црногорската писателка Соња Живаљевиќ почна проект што беше најспонтан. Тргна некаде во почетокот на април, со тоа што тој проект го нарече „Едни на други“ и се поврза со поранешните југословенски автори, но и со некои странци што ја сакаат балканската литература, како Вил Фирт. Како што доаѓаа текстовите, таа градеше, може да се нарече, електронско списание, каде што многу пријателски и природно почнавме да си пишуваме ние авторите, а се вклучија и ликовни уметници што испраќаа цртежи. Просто ме радуваше во тоа време да го отворам сајтот и да видам кој се јавил и што прави во моментот – вели писателот Александар Прокопиев, кој прв беше поканет да стане дел од „Едни на други“.
Според него, станува збор за еден вид солидарност, но не на некое површно или медицинско ниво, туку солидарност на креативноста, која може дури и во вакви некои замисли да трае и да предизвикува.

– Тоа е нешто што за мене е мало чудо. Сите со голем ентузијазам се приклучија, дури и 80-годишни автори учествуваат во овој проект. Кога се чинеше дека короната ќе стивне, Соња го прекина тоа, како проект за еден период, може ќе има книга, но така заврши, пред некое време повторно го покрена проектот и сега го нарече „Едни на други лето“. Повторно почна да го шири кругот и сега сите нудиме и некои свои автори да се вклучат – вели Прокопиев.

Креативноста во вакви ситуации, како што додава тој, се буди на различни начини затоа што се менува состојбата.
– Се менува прво физичката состојба на човекот. Ограничен е во неколку од најубавите работи, тоа е спонтаното дружење со луѓе, потоа тоа е патувањето и комуникација што ја носи со себе. Иако живееме во ова време на електроника, длабоко во себе човекот ја носи жедта за контакти и патувања. Тоа се нарекува слобода. И секој има свој начин како таа слобода ја искажува. Живата размена на мислења е првиот начин. Короната на еден начин обезбеди дека луѓето што во себе го чувствуваат тој креативен нагон, сега се принудени да размислуваат што ќе прават. Тие почнаа да ја промислуваат својата кревкост на друг начин. Тоа е дел од човечкото суштествување, особено кај уметниците, кои велат дека во осаменоста создаваат, но ако го нема животот што ќе создаваат? – прашува нашиот писател.

Тој потсетува на некои дамнешни епидемии и какви ремек-дела настанале во тие периоди, но интересно е дека во сите нив, и во „Декамерон“, и во филмовите со апокалиптични визии, одеднаш станува неопходност од размена на мислења на повеќе луѓе, некое здружување кога не можеш да се дружиш, некоја заедничка мисла или идеја на раскажување, преку разговори што се водат во овие дела.

– Тоа е будење на некои слоеви на нашата личност, кои навистина брзо ни поминуваа во претходниот период, колку и да беше убав. Како да не бевме докрај свесни за тоа дека животот е сепак една отсечка, дека во таа отсечка моменталните доживувања се супер, ама сепак постои нешто во тебе што е посуштинско, сакаш да оствариш нешто, подлабоко пријателство, сакаш да се поткрепиш, не си доволен сам на себе. Така што за мене оваа корона-криза покажа дека треба да се зајакне свеста дека не можеш да бидеш сам, дека ти е потребен друг човек, разбирање, дека не си ти овде сам со своите мисли, потребна ти е поткрепа, емотивна, интелектуална и сл. – заклучува Прокопиев.