Првата премиера на Македонскиот народен театар во новата сезона ќе биде на 29 септември – претставата „Еден месец на село“ од Иван С. Тургењев на италијанскиот режисер Паоло Маџели.

Оваа комично-тажна руска приказна првпат е поставена во 1872 и раскажува за Наталија, жена на богат земјопоседник, и младата Верочка, кои се вљубуваат во учителот на синот на Наталија. Низ драмата провејува темата за љубовта и нејзините идеали, стремежот за среќа и возбудувања, но и прашањето на кое човекот понекогаш бара одговор – зошто човековата природа е таква што не може вљубеноста и среќата да ги задржи долго во себе.

– „Еден месец на село“ е едно од најдобрите дела во литературниот опус на Тургењев. Таа е меѓу првите реалистични драми што историјата на литература ги класифицира во рубриката „модерен реализам“ пред сè поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси – истакнува Жељка Удовичиќ, драматург на претставата. 

Улогите ќе ги играат: Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Катерина Коцевска, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.

Катерина Коцевска го направи преводот и адаптацијата на текстот. Сценограф е Лоренцо Банчи, костимограф – Мануела Паладин. Музиката е на композиторот Љупчо Константинов.

Новата премиера почна да се подготвува во март и таа е втора соработка на МНТ и режисерот Маџели – во 1988 година на големата сцена беше премиерата на претставата „Црна дупка“ од Горан Стефановски.

Маџели, кој е роден во Прато, Тоскана, веќе 30 години живее и работи во Загреб, а поставил  повеќе од 150 претстави во театри низ светот. На сцените во поранешна Југославија (Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Сплит, Скопје и Дубровник) почнал да работи во средината на 1970-тите години.