Кинематограферот Едвард Лакман и претседателот Стево Пендаровски

Весна Дамчевска,
специјално за „Нова Македонија“ од Битола

Еден кадар за мене, еден за историјата, мотото на браќата Милтон и Јанаки Манаки со кои започна балканската филмска историја токму тука, во Битола, преку сентиментално потсетување на четиридецениското минато на ИФФК „Браќа Манаки“, го означи почетокот на јубилејното издание на фестивалот на истото место каде што и започна целата оваа приказна. Романтично чувство се разлеа во салата на Центарот за култура во Битола кога почнаа да течат архивските снимки од сите 40 изминати години во кои Битола дише со филмот. Тој дух, помалку или повеќе автентично, сепак сѐ уште се чувствува во градот што со години ги пречекува великаните на светската и домашната кинематографија, со фокус на оние помалку видливите за гладната за сензации публика, оние што најчесто се скриени зад камерата, но чие присуство во крајниот продукт е речиси незаменливо.

На црвениот килим годинава немаше големи светски актерски ѕвезди, какви што јавноста отсекогаш со посебна страст консумирала, но затоа по него прошетаа неколку врвни имиња од светската кинематографија што блиску соработувале со режисери и актери за кои можеме да сонуваме еден ден да ги видиме и во Битола. На отворањето меѓу гостите беше Џим Шеридан, едно од најимпресивните европски ирски филмски имиња, режисер, сценарист, продуцент и филмски творец на незаборавни филмски стории („Моето лево стапало“, „Боксер“…), како и Едвард Лакман, кинематографер што досега има две номинации за „оскар“, „бафта“ за животно дело и е наречен волшебникот со камерата. Нивните биографии се повеќе од импресивни, сосема во спротивност со нивната скромност на сцената во салата на отворањето.

Џим Шеридан на присутните им се обрати од името на Европската филмска академија. Потсетувајќи се на една случка од детството, Шеридан укажа на важноста на телевизијата и филмот.

– Телевизијата понекогаш ја потценуваме, не сме свесни колку се моќни подвижните слики. Големо е задоволството што сум избран од името на ЕФА да бидам вечерва на оваа свеченост каде што се слави филмската уметност – истакна Шеридан.
Покровителот на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски, го отвори фестивалот и му ја врачи наградата „златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман.
– Односот меѓу кинематограферот и режисерот не е како брак, туку како двојка што танцува, само прашање е дали двајцата ја слушаат истата музика. Режисерот е оној што ја поставува сцената и треба да ги третира кинематограферите како уште еден актер што ја дава својата најдобра изведба, но важно е дали режисерот ќе му овозможи навистина да блесне во сиот свој сјај. Ова е ретка можност за мене, многу слушав за фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња што биле лауреати, од кои некои биле мои ментори, како Свен Линквист, Роби Милер… Едноставно не знам дали припаѓам овде, во тоа наследство. Во овој дел од животот добивањето на едно вакво признание се чини дека е завршница, но мене ми се чини дека покажува оти тоа е постојан процес на учење едни од други и учење преку различни искуства. Патувањето е она што е важно, а не самата дестинација. Ова што се случува денес, за мене е повторна посета, на сеќавања, на стари пријатели и на создавање нови пријателства – рече Лакман.

Од името на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите, присутните ги поздрави Најџел Волтерс.

– Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката што ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана мека на сите кинематографери и, како потпретседател на британското здружение на кинематографери, дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број лауреати на овој фестивал во изминатите години. Правењето филмови е колаборативен потфат, а исто така и правењето ваков фестивал е колаборативен потфат – рече Волтерс.

Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, му ја врачи наградата „големата ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ на композиторот Љупчо Константинов, автор на 35 авторски музики за филм, кој работеше со најголемите режисери во македонскиот филм.

Љупчо Константинов

Алкаине: Со Алмодовар секогаш зборувавме за животот, а не за филмот

На отворањето на „Браќа Манаки“ беше прикажан извонредниот филм „Болка и слава“ на славниот Педро Алмодовар, сметан за морален победник на годинешниот Кански филмски фестивал, а на свеченоста присуствуваше и неговиот кинематографер Хозе Луис Алкаине.
– Вторпат сум во Битола и повторно ова е неверојатно искуство за мене. Мојот прв јазик не е англискиот, не е ниту македонскиот, ниту шпанскиот, туку сликите и се надевам дека преку сликите ќе ви го пренесам она што сакам да ви го кажам – рече Алкаине пред проекцијата.
Изборот на овој филм, со кој се следи траекторијата на 40-годишната работа на Алмодовар и на неговиот соработник и пријател Хозе Луис Алкаине, на убав начин се спои со јубилејот на фестивалот. Кинематограферот во Битола се потсети на соработката со најрепрезентативниот режисер за Шпанија.
– Кога се запознав со Алмодовар и на сите следни разговори, среќавања и вечери, ние секогаш зборувавме за животот, а не за филмот. Тој ми кажа дека сака фокусот во неговите филмови да биде на целото платно, затоа што ако фокусот бега ваму-таму, тоа не е добро. Тој сака да работи со боите и тоа е многу впечатливо во неговите филмови, а да се претстават боите на вистински начин, особено црвената, која е многу присутна кај него, е многу сложена работа за кинематограферот – вели Алкаине, кој со славниот Шпанец сними дури седум филма, меѓу кои и „Жени на работ на нервен слом“, „Лошо образование“, „Кожата во која живеам“…
Пред да почнат со работа на последниот филм, „Болка и слава“, Алмодовар му рекол: „Стари сме веќе, ајде брзо да го сработиме ова“. Главниот лик во филмот, Салвадор Мало, филмски режисер чие здравје се влошува, е всушност алтер его на Алмодовар. Дури и станот во кој живее Салвадор е реплика на домот на режисерот. Филмот раскажува за повторните средби, некои од нив во телото, а некои преку сеќавањата. Неговото детство во 1960-тите години, кога со родителите се доселил во едно село во Валенсија во потрага по напредок. Неговата прва возрасна љубов во Мадрид и болката од раскинувањето, раното откривање на филмот…
Алкаине ден по проекцијата зборуваше за својата работа, за предизвиците на новата дигитална ера, за користењето на светлината во филмовите што ги работи, истакнувајќи дека секогаш го сака природниот ефект, за сцените од најновиот филм на Алмодовар, кои, според него, се клучни во филмот и за многу други нешта поврзани со работата на кинематограферите.
– Ми се допаѓа кога гледачот може да одбере што ќе гледа во еден кадар во филмот, кога фокусот не е само на главниот карактер, туку и на она што се случува назад. Затоа што тоа е вистинскиот живот – рече Алкаине.

Хозе Луис Алкаине и Гена Теодосиевска