Еден од водечките светски кинематографери Едвард Лакман, потписник на повеќе од 80 играни филма меѓу кои оскаровски кандидати e годинешниот добитник на наградата „Златна камера 300“ за животен опус на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Тој со воодушевување ја примил веста дека е вброен меѓу великаните на најстариот фестивал посветен на филмската камера и директорката Евгенија Теодосиевска се надева дека тој ќе пристигне во Битола да ја прими наградата.

-Освен што станува збор за автор кој е меѓу водечките светски директори на фотографија, Лакман е извонреден човек. Кога му ја соопштив веста тој беше пресреќен и рече дека сака да дојде лично да ја прими наградата. Да се надеваме дека околностите ќе бидат во ред и битолската публика и филмаџиите ќе можат да запознаат еден голем професионалец, рече Теодосиевска на денешната прес-конференција.

Акман, со нашата „Златна камера 300“ за животен опус, досега вкнижува 41 светска награда, 42 номинации. Од номинациите најзначајни се оние за Оскарите со ремек делата „Далеку од небесата“ (номинација за најдобар кинематографер во 2002) и „Керол“ (номинација за Оскар 2015) и двата филма во режија на Тод Хејнис со кого Лакман има најплодна соработка како кинематографер. Во меѓувреме и третиот филм снимен со режисерот Хејнис „Јас не сум таму“ беше исто така потенцијален кандидат за Оскар со сите специфики во изразот на Лакман во црно-белата и колор фотографијата.

Според уметничкиот директор Благоја Куновски, великан како Лакман заслужува да биде изборот за јубилејното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ и да се вброи во алејата на кинематограферските великани.

-Акман е специфичен, бидејќи освен неговата големина како кинематографер тој импресионира со својата креaтивна енергија од неговите почетоци на стартот на 1970 година до најновите 3 целовечерни играни проекти, снимајќи и по три во една година. Тој е еден од ретките кинематографери, кој покрај својата базична вокација се покажал и како добар режисер потпишувајќи 10 филмови, во кои негови колеги, некои и наши лауреати се кинематографери. Работејќи со многу режисери, неговиот креативен израз го красат разновидни стилови кои се во зависност од играната или документарната форма, прилагодувајќи се и на креативниот процес и сензибилитет на конкретниот режисер, рече Куновски.

Претседателот на Друштвото на филмските работници Игор Иванов Изи на прес-конференцијата рече дека и 40 издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде уште една успешна приказна во насока на позитивниот правец кој го зема целата македонска кинематографија.

-Не можам, а да не го истакнам позитивниот правец што го зема севкупната домашна кинематографија и сите активности поврзани со неа. Исчезна многугодишниот антагонизам и филмските автори се насочени кон креaтивност и успешна работа. Очекувам дека ќе имаме успешно јубилејно издание на фестивалот „Браќа Манаки“ за да се одбележат четири децении од овој значаен настан на културната мапа, рече Иванов.

На следната прес-конференција што ќе се одржи во јули ќе бидат соопштени други детали околу ова фестивалско издание, а од Центарот за култура во Битола најавија дека за ова издание ќе биде обезбеден и агрегатот на кој се чекаше многу години.