Филмот „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски, во кој Македонија е носител на проектот, како и филмовите и копродукциите „Живи и здрави“ и „Долината на Шарко“, во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година.

На својата редовна 162 сесија која се одржа од 16-19 март, Еуримаж финансиски подржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти. Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „Кајмак“ на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија.

Во оваа категорија е поддржан и проектот „Живи и здрави“ во режија на Иван Мариновиќ, копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Македонија е малцински копродуцент.

Во категоријата документарен филм исклучително висока оценка доби проектот „Долината на Шарко“ во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој исто така Македонија е малцински копродуцент.

– Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за македонската кинематографија зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на ковид пандемијата. Морам уште еднаш да потенцирам дека долгометражниот „Кајмак“, во кој Северна Македонија е носител и документарниот „Долината на Шарко“, во кој е малцински учесник, добија највисоки оценки при евалуацијата, во конкуренција со значајни имиња во кинематографијата како, браќата Дарден, Џесика Вудворт, Мишел
Хазнавикус, Роберт Бергер, Кристина Гросан и други.

Ова е особено значајно поради тоа што, и покрај извонредната конкуренција, на годишно ниво се пријавуваат по 250-260 нови филмски копродукции и навистина е тешко да се добие поддршка. Од друга страна, финансиските средства се ограничени па често се случува дел од солидните наслови да не ја добијат финансиската поддршка – изјави Татјана Ќурчинска Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.

Европскиот фонд Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.160 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 625 милиони евра.