Кинотечната програма продолжува и во вториот дел од ноември. На програмата главно се европски (ко)продукции од понов датум.
Втората половина од ноемвриската програма во Кинотеката на Македонија започнува со проекција в понеделник и во вторник на „Малиот Џо“ на австриската режисерка Џесика Хауснер, авторка од новиот бран во австриската кинематографија, кој изминативе две децении покажа многу инвентивност и нов сензибилитет во третирањето на социјалните драми. Уште со нејзиниот дипломски филм „Интервју“ дебитира на фестивалот во Кан во 1999 година, а со „Флора“ беше наградувана на многу фестивали. „Малиот Џо“ ѝ ја донесе „златната палма“ на главната протагонистка Емили Бичам на фестивалот во Кан минатата година, филмот беше номиниран и освојуваше награди на уште десетина европски фестивали, а беше доминантен наслов на доделувањето на националните филмски награди во Австрија.

За крајот на ноември и почетокот на декември, Кинотеката подготвува филмска програма со големо и пријатно изненадување за филмофилите. Ќе бидат прикажани и филмовите: „Преведувачите“ (Франција/Белгија) на Режис Роанса, „Лошо однесување“ (Велика Британија/Франција) на Филипа Лоуторп, „Осило“ (Франција/Шпанија/Белгија) на Оливие Асајас, кој во 2019 г. учествуваше на фестивалите во Венеција и во Торонто, потоа „Портирот“ (САД) на Рјухеј Китамура, „Пулен“ (Франција) на Матје Сапан, „Глорија Мунди“ (Франција/ Италија) на Робер Гедигијан и др.