На предлог од Европската комисија Европскиот парламент се согласи за продолжување на  статусите до 2021 година на Риека во Хрватска и Галвеј во Ирска кои беа прогласени за европски престолнина на културата за 2020 година.

Три града, Нови Сад  во Србија, Темишвар во Романија и Елефсина во Грција, нема годинава да ја преземат титулата европска престолнина на културата, откако Европската комисија им го продолжи овој статус на Риека и Галвеј поради пандемијата на коронавирусот. Во неможност целосно да ги реализираат своите програми во 2020 година, Риека и Галвеј ќе ја задржат титулата до 30 април годинава.

Нови Сад ќе ја преземе титулата од 2021 до 2022 година. Темишвар и Елефсина ќе го сторат тоа помеѓу 2021 и 2023 година.

– Културата беше тешко погодена од пандемијата и програмите од Европска престолнина на културата не се исклучок. Риека и Галвеј заслужуваат фер шанса да ја покажат својата креативност и да реализираат дел од своите планирани програми – изјави Марија Габриел еврокомесарката за иновации, истражување, култура, едукација и млади.

Нови Сад е втор по големина град во Србија. Национално разновиден, во 19 век се здобил со прекарот српска Атина, бил важен центар на културата, трговијата и за производството. Едно од неговите најпрепознатливи обележја е Петроварадинската тврдина, една од најголемите и најдобро зачувани во Европа.

Темишвар е град во западна Романија кој долго време бил дел од Австро-Унгарија што меѓу другото се одразило и во неговите разнобојни историски фасади. Градот сѐ уште го носи прекарот Мала Виена. Во 1884 година, Темишвар станал прв европски град целосно осветлен со електрични светилки. Во споредба со остатокот на Романија, Темишвар има силна економија и ниска стапка на невработеност.

Елефсина е град оддалечен 18 километри од Атина. Тој бил еден од најважните верски центри во античко време, легендарен по специјалните ритуали посветени на древните грчки божици Деметра и Персефона. Неговото старо индустриско пристаниште денес е познато како гробиште за бродови. Околу 30 пловила ‘рѓосуваат во пристаништето во Елефсина со години.