„Еверглоу“ е тематската изложба од Анита Сот што ќе биде отворена вечерва во 19 часот во ликовната галерија во Прилеп. Прилепската уметница на првата самостојна изложба ќе се претстави со триесетина дела преку кои ја пренесува својата инспирација, за која вели дека ја наоѓа околу себе, во играта на боите, флората, движењата, луѓето, секојдневието.

– Она што ме исполнуваше во создавањето на делата е експериментирањето со различни медиуми и начинот на кои реагираат боите отсликувајќи го моменталното чувство на експресија, во исто време рефлектирајќи апстрактни чувства на среќа и топлина, давајќи жед за живот, жед за сонување – вели Анита.
Според историчарката по уметност, Викторија Димеска, творештвото на Анита Сот изобилува со облици и форми ослободени од сопствената контура.
– Низ уметничките дела се провлекува амбиент, каде што облиците потсетуваат на чудесни флорни и фаунски аморфни организми. Самите фантастични единки, полни со живост и динамика, вибрираат со една суптилна хармонија во бојата и композицијата – вели Димоска.

Анита Сот дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, работи како професорка по ликовна уметност. Има изложувано на повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и во Бугарија.