По изведбата на пиесата „Со вкус на овошен сладолед“ на Кацаров, во Сремска Митровица, утревечер белграѓани ќе можат премиерно да ја погледнат неговата претстава „На клупата“. И неговото дело „Чекачот“ е дел до официјална селекција на театарски фестивал во Република Српска

Драмата „На клупата“ на македонскиот драмски писател Трајче Кацаров утревечер ќе биде премиерно изведена на сцената на културниот центар „Чукарица“ во Белград, во режија и кореографија на Петар Пјер Рајковиќ. Главните улоги им се доверени на Даниел Ковачевиќ и на Исидора Рајковиќ. Предвидено е од септември таа да биде поставена и во „Звездара театар“, а потоа и низ градовите во Србија.
– „На клупата“ е мелодрама со елементи на комедија. Темата е напишана со поетски јазик и со многу актуелна содржина, а дејството се случува на клупа во еден парк. Мојот режисерски концепт ги задржува сите идеи и драматургијата на ова дело, но на мошне специфичен начин ја осовременува, не менувајќи ја поетичноста и ја доближува до современиот гледач. Претставата содржи и многу игра и движења, со што добива еден брехтовски пристап. Темата е вечната потрага по љубовта, чувството да бидеш сакан, прифатен, сфатен и неможноста да се согледа љубовта од една точка и да се слее во неа – вели режисерот Петар Пјер Рајковиќ.

Претходно, на 17 април во театарот „Добрица Милутиновиќ“, во Сремска Митровица, беше изведена претставата „Со вкус на овошен сладолед“ на текст на Трајче Кацаров во режија на Драган Јовичиќ Јовиќ. Во печатот тој беше најавен како еден од најизведуваните драмски автори на Балканот.
Драма од овој плоден автор е дел и од официјалната селекција на 13-то издание на интернационалниот фестивал на аматерски театар „Лакташи 2018“, во Република Српска. Станува збор за претставата „Чекачот“, што ќе ја изведе Драмското студио од Штип, а режисер е исто така Кацаров. Монодрамата на духовит и на сатиричен начин раскажува за чекањето и за луѓето што чекаат.