Друштвото на писателите на Македонија денеска на традиционална свеченост по повод денот од основањето ќе ги додели годишните награди за најдобри книжевни остварувања во 2018 година.

Наградата за проза „Стале Попов“ му е доделена на Влада Урошевиќ за романот „Маџун“,  за поезија „Ацо Шопов“ ќе ја добие  Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Патот“,   Лидија Капушевска-Дракулевска е добитник на наградата за критика „Димитар Митрев“  за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“, Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“  ја добива наградата за литература за деца „Ванчо Николески“, а Рифат Емин за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик е награден со „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија.

Македонската писателска асоцијација денеска одбележува 72 години од основањето. Формирана е на 13 февруари 1947 година, а за прв претседател бил избран Блаже Конески.