Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) ја поддржува и ја поздравува иницијативата на Град Скопје да именува неколку улици според починати македонски писатели.
– Со тоа се зацврстува местото на овие значајни творци во нашата колективна меморија и наедно се поттикнуваат интересот и респектот на сите генерации граѓани за литературното творештво и за неговите создавачи. Се разбира, литературните дела на писателите како сегмент на националната култура се инкорпорирани во образовниот процес и во другите јавни дејности, но веруваме дека и зачестеното спомнување и чествување на писателите преку именувањето улици во главниот град ќе придонесе за нивна популаризација и пошироко восприемање. Особено затоа што многу стихови, романи и раскази во нашата литература се посветени токму на градските амбиенти на Скопје и се неизбришливо вградени во неговиот урбан културен идентитет – истакнаа од ДПМ.