Организацијата „Онлајн компјутерски библиотечен центар“ (ОЦЛЦ), со седиште во Охајо, го објави списокот на 100 најчитани книги во светот, а податоците се собрани од повеќе од 18 илјади библиотеки. На прво место е неприкосновениот борец против ветерниците, бистриот витез од Манча, Дон Кихот, чија судбина во далечната 1605 година ја испиша шпанскиот писател Мигел де Сервантес. На листата на најчитаните следуваат и другите добро познати класици, делата на Марк Твен, Џејн Остин, Емили и Шарлот Бронте и Чарлс Дикенс.

– Се разбира дека на списокот на најчитаните книги се дела на класиците. Тоа ги одразува доминантните културолошки гледишта за канонот и неговото формирање. Библиотекарите се свесни за тоа и бараат начини да ги зачуваат и оние занемарени, малцински и маргинализирани перспективи – вели Скип Причард, претседател на организацијата ОЦЛЦ, која стои зад списокот на најпопуларните книги во библиотеките низ светот.

На второто место на листата е „Алиса во Земјата на чудата“ на Луид Керол, а потоа се двете познати дела на Марк Твен „Авантурите на Хаклбери Фин“ од 1884 година и „Авантурите на Том Соер“ од 1876 година. На петто место е исто така авантуристички роман, овој пат на шкотскиот писател Роберт Луис Стивенсон „Остров со богатство“ од 1883 година.

На листата потоа се три авторки: Џејн Остин со романот „Гордост и предрасуди“, кој култната британска писателка го објави во 1813 г. потпишувајќи се само како авторка на „Разум и чувство“ (претходниот роман од 1811 г., објавен анонимно, односно со потпис „Дама“), како и сестрите Бронте – Емили Бронте со „Оркански висови“ од 1847 г. објавен под псевдонимот Алис Бел, и Шарлот Бронте со „Џејн Ер“, објавен истата година, исто така под псевдоним.

Меѓу другите авторки на списокот на најчитаните 100 книги е Луис Меј Алкот со „Малечки жени“ на 16. место, потоа Мери Шели со „Франкенштајн“ на 19. место, Хериет Бичер Стоун со „Колибата на чичко Том“ на 21., Харпер Ли со „Како да се убие птицата подбивница“ на 29. место. Од современите авторки на списокот е Џ.К. Роулинг со „Хари Потер и каменот на мудроста“ на 45. место.

Епскиот роман „Одвеано со виорот“ на Маргарет Мичел од 1936 година е на 77. место на најчитаните. На списокот, се разбира, се најде и Чарлс Дикенс со неколку свои книги, Достоевски со „Злосторство и казна“, Толстој со „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. Од преостанатите добро познати класици најпопуларен е „Моби Дик“ на Херман Мелвил на високото деветто место, а на десеттото е „Гуливеровите патувања“ на Џонатан Свифт.

Најнов наслов меѓу стотината најчитани книги во светот е „Кодот на Да Винчи“ на Ден Браун од 2003 година, кој се најде на 88. место.

ОЦЛЦ е светска непрофитна организација, основана во 1967 г. како „Охајо колеџ лајбрери центар“ на иницијатива на професори од Универзитетот во Охајо (САД). Целта била да се изгради систем втемелен на компјутерска мрежа што би ги опфаќала сите библиотечни податоци од наведениот универзитет, но со време почнала да ги обединува и другите библиотеки во САД и светот.