На 22 ноември 1913 година е роден еден од најзначајните британски композитори на дваесеттиот век, Бенџамин Бритн. Да бил Скандинавец или Јапонец што секое утро пешачи покрај морето, што јаде органска храна, што дише чист воздух и живее живот лишен од стресови, можеби сѐ уште би бил жив и можеби сѐ уште би творел, но Бритн починал во екот на својата слава и во зенитот на својот композиторски вознес. На само 63 години било прерано да ги однесе со себе сите неискомпонирани композиции, да ги заклучи засекогаш сите ненапишани ноти.

Авторот на „Едноставната симфонија“ (која, патем, ја напишал кога имал само 21 година, а која врие од зрелост) на голем број симфониски и вокално-инструментални дела, минијатури за глас, концерти за разни инструменти со оркестар; композиторот што ги воскреснал оргулите во модерната музика, притоа задржувајќи го нивниот црковен звук; човекот што трагичниот „Воен реквием“ го обоил со детски гласови; кој својата душа и своето срце им ги дал на музиката, според официјалната верзија починал од постоперативни компликации на срцето. И тој навистина имал проблеми со срцето, боледувал од инсуфициенција на аортата и таа состојба му предизвикувала тешкотии. Затоа се подложил на неопходниот хируршки зафат кај тогаш најдобриот и најстручен кардиохирург Доналд Рос. За време на операцијата доктор Рос открил дека Бритн, всушност, боледувал од сифилис во трет стадиум.

Операцијата и не била баш неопходна, односно можеби била и непотребна, зашто сифилисот бил толку напреднат што веќе немало спас. Во далечната 1973 година сифилисот бил табу обвиено со срам, а болните од сифилис биле стигматизирани. Затоа, вистинската дијагноза за болеста на Бритн останала тајна, која ја чувал докторот. За неа не знаеле ни Бритн, ни неговиот долгогодишен партнер, тенорот Питер Пирс. Тајната останала скриена сѐ до стогодишнината од раѓањето на Бритн, кога осамнала во книгата „Бенџамин Бритн: живот во дваесеттиот век“ на Пол Киндеа, диригент и експерт за животот и делото на Бритн.

Лада Шоптрајанова Петровска