Долгоочекуваниот и возбудлив концерт на Лиса Жерар и нејзиниот последен проект со женскиот хор од Бугарија, добитник на престижната награда „греми“, „Д мистери оф д булгариан воисес“, ќе се одржи вечерва, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија.

По потекло од ирски емигранти, Лиса Жерар е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Доста експерименталната постпанк-музичка сцена на крајот на 1970-тите во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981-та го создаваат уникатниот проект „Дед кен денс“, кој опстојува и денес, со неколку креативни прекини. „Дед кен денс“ се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокала, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Лиса Жерар и Брендан Пери својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење.

Професионалната биографија на Лиса Жерар вклучува неколку соло-проекти, како и филмска музика, на кои таа се потпишува и како авторка, но и како изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Зимер беа наградени со „златен глобус“.

Женскиот хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век, го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално самовилско пеење. Светот првпат слуша за овој хор на крајот на 1980-тите години, кога хорот го издава својот истоимен албум „Le Mystère des Voix Bulgares“, кој се продава во огромен тираж и хорот ги освојува светските сцени со своето мистично акапела-пеење. Нивниот втор албум „BooCheeMish“ се појавува по речиси две декади и на него тие соработуваат со Жерар, со која, иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајколика симбиоза.