Долгометражниот игран филм „Улиште“ по сценарио и во режија на Блерта Башоли, копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Македонија и Албанија, трикратен добитник на награда на 38. филмски фестивал „Санденс“ и официјален косовски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар меѓународен филм, ја започнува својата кинодистрибуција во Македонија и од 4 ноември се прикажува во кината „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“.
Досега, филмот беше дел од програмата на триесетина интернационални реномирани фестивали, меѓу кои: Сараево, Карлови Вари, Ерусалим, Букурешт, Хелсинки, Бусан, Цирих, Варшава, Рим, Монпелје, Сао Паоло. Покрај наградите, „Улиште“ ги освојува критиката и љубителите на филмот низ целиот свет.
Филмот се базира на вистинска приказна и го претставува ликот на Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово. Додека трага по него, одлучува да започне мал земјоделски бизнис, со цел да обезбеди егзистенција за своето семејство. Но за жал, во традиционалното и патријархално опкружување, нејзината амбиција за еманципација не е прифатена. Нејзиниот бизнис започнува да се развива, додека пчелите во нејзината кошница (улиште), се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своите обиди да најде мир со пчелите, Фахрије наоѓа мир со самата себеси.
Блерта Башоли е млада режисерка родена во Косово. Дипломирала на Универзитетот во Њујорк, на отсекот за филм и ТВ. Има режирано неколку кратки филмови за кои е и наградувана, а „Улиште“ е нејзиното дебитантско долгометражно остварување. Главната улога ја толкува Јилка Гаши. Кинематографер е Алекс Блум, монтажата е на Едис Сарачи и на Феликс Сандри, сценограф е Влатко Чачоровски, костимографијата е на Хана Зеќа и Фјорела Мирдита, а шминката е на Фиона Абдулаху. Продуценти на филмот се Јил Ука, Валон Бајгора, Агон Ука, а копродуценти Брита Ринделауб, Кристијан Буровски, Томи Салковски, Паскал Семини.