Филмот „Мајката од Харлем“ е слика на судбината на осумнаесетгодишниот Латрон Паркер, кој снимил документарен филм за тешкото растење во Харлем во 1998 година, а осум години подоцна беше убиен на улица. Денес неговата мајка Џин преку својата организација „Харлем мадерс сејв“ се бори против оруженото насилство меѓу младите, а им помага и на другите родители да се носат со болката од загубата.
Испреплетувајќи сцени од Латроновиот филм со сцени од денешниот живот на Џин, филмот „Мајката од Харлем “ е трагична и инспиративна приказна од перспектива на мајка и син. Филмот го снимила, режирала и го продуцирала српската режисерка Ивана Тодоровиќ пред десет години.

Тој имал премиера во киното на великанот на документарниот филм Алберт Мејслес во Харлем. Прикажан е на многу фестивали како „Траверс сити“ на Мајкл Мур, „Палм Спрингс ИнтШортФест“, на Американскиот павилјон на Канскиот фестивал и во „Антолоџи филм архивс“. Добил неколку награди на фестивалите во Америка како „Бест документари филмпрофил“, на фестивалот „Миксед месиџис филм“ во Њујорк. Награда на публиката на „Феар но филм“ на фестивалот „Јута артс филм“ во Јута.
„Њујорк тајмс“ во партнерство со кампањата „Кикстартер“ направил избор од шест најдобри кратки филмови, кои се финансирани низ неа. Сега овој филм може бесплатно да се погледне на нивниот јутјуб-канал.

– Краткиот документарен филм „Мајката од Харлем“ е мој завршен труд на катедрата Документари медиа на универзитетот „Њу скул“ во Њујорк. Кога ја запознав мајката Џин и ја слушнав нејзината приказна, знаев дека сакам да направам филм токму за неа и за нејзината борба. Ситната жена ме воодушеви со својата сила со која успеала по неколку години од смртта на својот син, да направи организација, која се бори против оруженото насилство меѓу младите и спасува животи на други деца. Во текот на снимањето се случија неколку убиства на млади и ја увидов големината на проблемот на оруженото насилство на младите во Њујорк – изјавила режисерката на филмот за српскиот весник „Данас“.
Таа вели дека случајно ја запознала мајката Џин во Харлем и веднаш посакала да ја раскаже нејзината приказна.

– Брзо се спријателивме и ја следевме во сите нејзини активности во следните осум месеци од снимањето на филмот. Јас го снимав и го режирав филмот, а мојот колега Дејвид Гуитерез Кемпс го снимаше звукот. Снимањето на филмот беше тешко и напорно. Мојот колега и јас често плачевме во текот на снимањето со Џин или со родителите чии приказни ги слушавме. Физички беше исто така напорно, бидејќи јас живеев на еден час со метро од Харлем и на секое снимање носев 10 килограми опрема и техника. Но oд секое снимање се враќав дома задоволна бидејќи знаев дека работиме искрено и дека е важно – вели режисерката.

По завршувањето на филмот, Џин гостувала на сите негови фестивалски прикажувања во Њујорк и на тој начин добила можност да разговара со публиката на темата за оруженото насилство меѓу младите. Филмот ѝ ги отворил вратите да гостува во училиштата, универзитетите и во културните центри.
– Сакав низ овој филм да ја раскажам трагичната и инспиративна приказна од перспектива на мајка и син. Дека филмот носи универзална емоција на болка на родителот за своето дете. Дека публиката може да се идентификува и со таа болка и со силата што произлегла од неа – заклучила режисерката Ивана Тодоровиќ.