Во „Лувр“ велат дека сè уште не забележале пад на посетите

Киносалите се затворени, саемите и настапите на оркестрите се откажани. Епидемијата ја намали можноста за патување на регионално и на меѓународно ниво, а важните пролетни аукции на уметнички дела во Њујорк се одложени затоа што на богатите кинеските купувачи ќе им биде тешко да патуваат

Еден кинески милијардер, инвеститор и поранешен таксист по име Лиу Јикијан, во изминатите години потрошил речиси 200 милиони американски долари на уметност, вклучувајќи и 170 милиони долари за акт од Амадео Модиљани во 2015 година. Со Кина, пак, како втор по големина пазар за глобалната филмска индустрија, одобрувањето или отфрлањето од страна на Владата во Пекинг може да направи еден филм да успее или, пак, сосема да пропадне, пишува „Њујорк тајмс“.

Но сега, додека Кина се бори да ја контролира епидемијата на коронавирусот, земјата е затворена кон светот на глобалниот уметнички пазар, изложувајќи го секторот на длабока финансиска неизвесност. Кинопроекциите се откажани во Кина и симфониските турнеи се суспендирани поради карантините и стравот од зараза. Откажан е и големиот Саем на уметност во Хонгконг, а важните пролетни аукции на уметнички дела во Њујорк се одложени затоа што на богатите кинеските купувачи ќе им биде тешко да патуваат.

– Едноставно не е реално да се планира да се понудат предмети за кои знаеме дека луѓето сакаат да ги видат лично, во време кога тие не можат да дојдат тука. Тоа значи дека треба да се справиме со ситуацијата поинаку затоа што нема да го имаме очекуваниот износ на приходи. Што ќе треба да направиме за да се пополни празнината? – вели Ларк Мејсон, основачот на „иГавел“, една од шесте аукциски куќи што одложија многу од нивните продажби.

Вирусот зарази над 70.000 луѓе и уби повеќе од 2.700 во Кина. Бидејќи десетици милиони луѓе се запечатени во тамошните градови, се појавуваат нови прашања за тоа како се пренесува вирусот, наречен САРС-КоВ-2. Дури и трговците со уметност, кои очекуваат бизнисот да страда поради затворените граници и задолжителните карантини, велат дека разбираат дека запирањето на заразата е на прво место.
Сепак, таа ќе има финансиско влијание. Кина беше трет по големина пазар на уметност во светот во 2018 година, според ланскиот извештај на „Арт базел“ и „УБС глобал пазар на уметност“, што претставува 19 отсто од 67 милијарди американски долари потрошени за уметноста годинава. САД со 44 отсто и Велика Британија со 21 отсто ги имаа првите две места. Годишниот саем за уметност „Арт базел Хонгконг“ што беше закажан за средината на март, сега е откажан, лишувајќи ги дилерите и уметниците од голема можност да прикажуваат дела на клиенти со седиште во Кина и пошироко. Саемот привлекува посетители, кои доаѓаат за уметничките ревии, коктелските собири и забави на јахти во Хонгконг, Пекинг, Шангај, Ханој и Токио пред, за време и по саемот. Некои од овие настани, исто така, се одложени или откажани.

Бен Браун, сопственик на галерија со локации во Лондон и во Хонгконг, изјави дека неговата продавница остварува голема заработка секоја година на „Арт базел Хонгконг“, но оваа година тоа нема да биде така. Штетата ќе ја надмине непосредната продажба.
– Тој саем претставува центар на уметничкиот универзум цела недела и води кон други нешта во текот на годината. Замислете да требаше да се откажат „оскарите“. Светот на филмот би продолжил и филмовите би продолжиле или да заработуваат или да губат пари, но тоа е голем удар – вели тој.

Кина е исто така критична за филмскиот бизнис, 9 милијарди американски долари годишен пазар, веднаш по Северна Америка, истакна Пол Дергарабедијан, аналитичар во „Комскор“, компанија за медиумско мерење. Но со затворањето на повеќето киносали во земјата, рече тој, тој бизнис е речиси целосно во мирување. Проекциите на „Џоџо зајакот“ и „Дулитл“, на кои очајно им треба странска продажба, се меѓу оние што досега се одложени во Кина.

Кина е најбрзорастечки пазар за класична музика во последниве години, па ефектите од кризата со вирусот беа брзо почувствувани и на тоа поле. Неколку американски ансамбли, вклучувајќи ги Симфонискиот оркестар во Бостон и Националниот симфониски оркестар, со седиште во Вашингтон, ги откажаа планираните турнеи низ Кина. Училиштето „Џулијард“, кое се подготвува да отвори филијала во Тијанџин оваа есен, објави дека ги прекинува сите активности поврзани со Азија, барем до март. И амбициозниот едномесечен уметнички фестивал во Хонгконг, кој би собрал водечки оркестри, оперски компании, солисти и танцовни компании од целиот свет, беше откажан.

Економското влијание сè уште се проценува. Американските оркестарски патувања се скапи, тоа се комплицирани активности што се планираат години однапред. Она што тие го заработуваат од странските домаќини обично покрива само дел од трошоците за транспорт на околу стотина музичари и нивните инструменти. Но оркестарските патувања во Кина се покажаа особено привлечни за спонзорите заинтересирани за одржување на тие меѓународни врски, и кинеската финансиска поддршка ги прави возможни таквите тури.

Дури и институции, кои се далеку помалку зависни од кинеските патрони, како што се музејот „Метрополитен“ за уметност и театрите на Бродвеј во Њујорк, велат дека внимателно ја следат ситуацијата. Кинеските туристички групи се суспендирани и ако вирусот продолжи да се шири, патниците може своеволно да одлучат да останат дома. Во Париз, од „Лувр“ велат дека сè уште не забележале пад на посетите, но според најновите бројки на музејот, 800.000 од нивните 10 милиони посетители во 2018 година потекнуваат од Кина.

За среќа, уметничките галерии не се целосно зависни од патувањата и саемите. Благодарение на интернетот и нејзиниот телефон, Емералд Мо, партнерка во галеријата „Мин проект“ во Хонгконг, вели дека половина од тековната изложба во нејзината галерија сега се продава преку електронска пошта и апликациите „Ватсап“ и „Вичет“. Матиу Борсевич, директор на галеријата БАНК во Шангај, откри дека штотуку продал слика преку „Вичет“ на колекционер, кој би се досадувал во својот дом во Пекинг. Многу понуди за аукции се доставуваат преку телефон, како што беше рекордната набавка на Модиљани што ја направи Лиу во „Кристи“ во Њујорк. Но колекционерите честопати сакаат претходно да видат што купуваат. Аукциите што се одржуваа секој март во „Кристи“, „Сотби“ и на други места во Њујорк се одложени до јуни.