Во категоријата кратки филмови, годинава ќе бидат прикажани 24 филма од 17 земји

Годинашното 69-то издание на Берлинскиот интернационален филмски фестивал, познатото Берлинале ќе почне на 7 февруари, а ќе го отвори филмот „Добрината на странците“ на режисерот Лоун Шерфиг. Годинава првпат во историјата на својата кинематографија Македонија на овој фестивал, како што беше најавено, ќе биде претставена во главната програма со филмот на Теона Стругар-Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

Неговите организатори го посочуваат Берлиналето како уникатно место на уметничко истражување и забава и еден од најголемите јавни филмски фестивали во светот, кој секоја година привлекува десетици илјади посетители од различни земји. Единаесетте дена, колку и што ќе трае ова негово издание, се најавени како едни од најважните настани за филмската индустрија и медиумите на годишно ниво. Меѓу големиот број филмови што ќе бидат прикажани во главната конкуренција, покрај „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ се и филмовите: „Земјата под моите нозе“ (Мери Круцер, Австрија), „Златната ракавица“ (Феит Акин, Германија), „Бев дома, но…“ (Ангела Шанелец, Србија/Германија), „Приказна за три сестри“ (Емин Алпер, Турција/Германија/Холандија/Грција), „Збогум, сине“ (Ванг Шаошуи, Кина),„Господин Џонс“ (Агнишка Холанд, Полска) и др.

Во специјалната категорија ќе бидат прикажани: „Брехт“ (Хенрих Брелоер, Германија/Австрија), „Вотергејт“ (документарен, Чарлс Фергусон, САД), „Можеше да биде полошо“ (документарен, Доминик Весели, Германија), „Северот“ (Грегори Нава, САД) и др.
Категоријата кратки филмови годинава ја сочинуваат 24 филма од 17 земји, кои ќе се натпреваруваат за наградите „златна мечка“ и „сребрена мечка“, за наградата „ауди“ за краток филм како и за номинација за „берлински кандидат за краток филм за европските филмски награди 2019“. Некои од нив се: „Сино момче“ (Мануел Абрамович, Аргентина/Германија), „Нели ги гледаш?-Повтори“ (Клариса Тиеме, Германија/Босна и Херцеговина), „Црвени гумени чизми“ (Јасмина Жбанич, Босна и Херцеговина), „Не мес“ (Самир Карахода, Косово), „Треба да се живее еднаш и да се сонува двапати“ (Реинер Колбергер, Германија/Австрија), „Кралство“ (Тан Веи Кеонг, Сингапур), „Чуварите на духови на Макутај“ (Јен-Чао Лин, Канада), „Омарска“ (Варун Сасиндран, Франција), „Како да се дише во Керн Каунти“ (Крис Филипоне, САД) и многу други.

Берлинскиот интернационален филмски фестивал е создаден за публиката во Берлин во 1951 година, на почетокот на Студената војна, како „приказ на слободниот свет“, под големо влијание на турбулентниот поствоен период и ситуацијата во која се наоѓал поделениот град, Берлиналето сепак успеа да се развие во место на интеркултурна размена и платформа за филмска критика на социјалните случувања. И на почетокот на ова негово издание се истакнува дека фестивалот носи големи интернационални имиња од полето на филмот во Берлин и е константно во потрага по нови таленти. Секоја година се прикажуваат речиси 400 филмски наслови од сите жанрови, должини и формати, од играни, до документарни и уметнички експерименти.