На подиумот на Македонската филхармонија, овој четврток (19 април), во 20 часот, ќе застане една од најпознатите пијанистки на класичната музика денес, импресивната Валентина Лисица од Украина/САД. Славната пијанистка Валентина Лисица, која ја опишуваат како првата јутјуб-ѕвезда на класичната музика и првиот класичен уметник што својот успех на Интернет го претвори во глобална концертна кариера низ Европа, САД, Јужна Америка и Азија, за македонската публика ќе го изведе прочуениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Рахманинов.

Диригент на концертот, насловен „Атрактивната Лисица“, е маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а на програмата оваа вечер е и импресивната свита „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски. Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Државниот филхармониски оркестар „Трансилванија“ во Клуж-Напока, Романија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними цеде со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија.

Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на првата награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со симфонискиот оркестар „Бамберг“ (2016). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што станува најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ја добива наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа.

Својата репутација како диригент на опери ја зацврстува со реализација на новата продукција на „Царска невеста“ од Римски-Корсаков на „Росини опера фестивалот“ во Пезаро, изведба што доби многу позитивни критики. Во 2015 година Бебешелеа работел со двајца од најценетите диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк. Во 2011 година му е доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар.

Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности. Украинската уметница своето музичко образование го почнала во својот роден град Киев, во музичкото училиште за високоталентирани деца „Лисенко“, а го продолжила на тамошниот конзерваториум. Иако сонувала за кариера како професионална шахистка, сепак се одлучила пијаното да биде дел од нејзиниот живот.

По имиграцијата во САД, со нејзиниот сопруг почнале да настапуваат како пијано-дуо, а тоа резултирало со неколку успеси на пијано-натпревари и со голем број концертни ангажмани. Нејзините неконвенционални настапи потоа се покажале како мошне впечатливи за публиката, а особено нејзините снимки на Интернет што достигнале милионска гледаност. Во сезоната 2017/2018 година, Валентина Лисица реализира турнеја со Руската државна филхармонија во Велика Британија, со концерти во Лондон, Единбург, Кембриџ и во Варвик, а настапуваше и како рецитален уметник на турнеја низ Јужна Америка. Постојано е канета да настапува на врвни фестивали на класична музика, а посебен белег ќе остави концертот што ќе го одржи следната сезона во чест на кралот на Тајпеј.

Нејзините концерти се распродаваат со месеци однапред, а така беше и со нејзиниот настап во „Аудиторио национал“ во Мадрид, каде што заедно со Шпанскиот национален оркестар ги отсвири, во една вечер, сите концерти за пијано и „Рапсодија на тема на Паганини“ од Рахманинов. Овој настан успеа да ја привлече публиката да остане докрај, а критиката напиша: „Лисица со незапирлива сила емитуваше шармантна музикалност со неверојатна виртуозност… дополнета со фасцинантна физичка издржливост…“ Во 2011 година, таа дебитира со Симфонискиот оркестар на Бразил и маестро Лорин Мазел, а настапува со престижни симфониски оркестри, како што се „Чикаго симфонија“, Радиосимфонискиот оркестар на Келн, Филхармонијата на Сеул, симфонискиот оркестар „Сан Франциско“, Лондонскиот симфониски оркестар, оркестарот „Би-би-си“,симфонискиот оркестар „Чајковски“, симфониските оркестри на Прага, Хелсинки, Синсинати, Балтимор… со реномирани диригенти како што се Пааво Јарви, Владимир Федосеев, Василиј Петренко, Мазел, Кристијан Јарви…

Всушност, Лисица го имаше најсилниот меѓународен пробив во 2012 година, по спектакуларниот настап во „Ројал Алберт хол“ пред 8.000 посетители, кога потпиша и ексклузивен договор за издавачката куќа „Дека“. Нејзината дискографија ги содржи концертите на Рахманинов, како и дела од Шопен, Филип Глас, Лист и Скрјабин, а последното цеде „Љубовна приказна – пијано-теми од филмската златна ера“ содржи дел од филмската музика од 1920-тите години. Во 2013 година, Лисица дебитира и со врвната Берлинска филхармонија.