„Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски на втори октомври во дваесет часот оваа година ќе биде изведена во театар Сенки и Облаци Скопје, а во наредните два месеци претставата ќе патува во Охрид, Велес, Дојран, Кавадарци, Штип, Куманово, Кочани, Валандово и Богданци. Овие гостувања се поддржани од Министерството за култура на Република Македонија во рамките на манифестацијата Нов културен бран 2019 година.

 Инаку се работи за монодрама, претставата е работена пред три години како дел од независна продукција, после две годишна пауза на покана на театар Сенки и Облаци во Дебар Маало претставата се игра таму. „

Дневникот на лудиот“ до сега има учествувано на четири театарски фестивали, Интернационалниот театарски фестивал на монодрама во Битола, МТФ Војдан Чернодрински Прилеп, на ИТФ Лица без Маски оваа година претставата освои награда за најдобар актер на фестивалот за Бобан Алексоски, на ИТФ БАТИФ Тирана, Албанија во 2017 година монодрамата освои две награди, за најдобар актер и најдобра режија на фестивалот за Алексоски и Ризески.

Покрај фестивалските изведби, голем успех е интересот за ваква тема, се радуваме што тоа е така, вели екипата на претставата. 
До крај на месец ноември претставата ќе брои дваесет и две изведби.

Планирани се учества на фестивали надвор од државата за наредната година.

 Аксентие Иванович го трча последниот круг на надежта, заедно со своите гости, кои ја слушаат и оценуваат неговата приказна. Секој во публиката размислува различно, а секој одговор му е важен на Аксентие за да продолжи да живее. Дали луѓето сакаат да ја чујат вистината? Дали?! „Дневникот на лудиот“ е провокативен текст, кој иако напишан во 1835 година е сѐ уште ужасно актуелен. Гогољ сака на некој начин да нѐ разбуди од сонот, од кој сме сите заслепени во секојдневието, и проблемите околу социјалниот момент – трката во која живееме.

– Нашата претстава се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него. Разочарувањето не е одговор, има нешто среќно што го трагаме сите, но многу пречки што самите сме ги создале не ни дозволиле за да конечно го најдеме и му се радуваме до крај – порачува екипата.