Самостојната изложба на Дијана Томиќ Радевска, со наслов „Неподнослива празнина“, е поставена во Музејот на градот Скопје, до 15 октомври. На оваа изложба, уметницата го претставува својот мултимедијален проект-изложба, каде што се поставени во целина на мислата десет објекти и асамблажи, повеќе цртежи и графики, изработени во сито-техника и видео како единствено визуелно доживување.
– Речиси не постои важно уметничко дело во целокупната историја на уметноста што својот естетски модус го втемелува на етички прашања, без некое претходно доживување на голема загуба. Таков е случајот и со изложбата насловена „Неподнослива празнина“, преку која Дијана Томиќ Радевска го дава својот уметнички одговор на прашањата што имаат суштествен етички предзнак. Во нашите разговори при подготвувањето на оваа значајна изложба, таа искрено и храбро ги сподели своите најдлабоки рефлексии – пишува Маја Бојаџиевска, авторката на текстот во каталогот.
Според неа, Дијана Томиќ Радевска со оваа храбра и соголувачка концепција се обидува да ја зачува лириката на суштествената комуникација што не се одвива преку машини и нѐ поканува одново да се сретнеме – не како индивидуи со гол живот, туку како човечки битија загрижени за другите човечки битија.