„Дијалози во еднина“ е насловена новата книга од Ана Стојаноска („Култура“, 2019), промовирана во Факултетот за драмски уметности. Станува збор за книга-експеримент, обид на авторката да напише нарација без нарација, само со помош на дијалози.

– Дијалозите се читаат низ трите циклуси – Сонце, Сон и Месечина, кои се поставени како загатка на читателот. Помеѓу разговорите има кратки зборовни игри што ја досоздаваат приказната. Читателот е оставен да ги слуша/чита разговорите и сам да учествува во нивната динамичност. Играта на авторката со потенцијалните читатели се гледа и во начинот на кој приказната се отвора со секоја страница што следува – вели издавачот.

Ова е прва ваква книга во македонската книжевност, која истовремено дозволува секој читател сам да си ја создава приказната. Жанровски не припаѓа никаде и истовремено самата книга е сопствен жанр. Се чита лесно, брзо и едноставно. А тоа е уште една од загатките на авторката.

Ана Стојаноска е театролог, писателка, професорка на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Учествува на многу симпозиуми, научни трибини и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата. Авторка е на книгите: „Јас и Лин, отпосле“, за која ја доби наградата Рациново признание, „Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер“ и Македонски постмодерен театар. Приредувачка е на книгите: „Драми“ од Дејан Дуковски и „Современа македонска драма“. Стојаноска е дел од авторскиот тим на „Поимникот на книжевната теорија“. Коавторка е на повеќе театролошки монографии, а нејзината монодрама „Стаклен лампион“ е произведена како радиодрама, во продукција на „Театра“.