На крајот на мај во пандемиската 2021 година во Битола, европската престолнина на Балканот од Хераклеја до денес, почина ненадејно Димитар Николов-Таки на 63 години. И со него замина една светска дигитална индивидуална и колективна судбина

На првиот доцент и на интернационалниот универзитет „Еуропа прима“ и шеф на Катедрата на филм и дигитални медиуми на Балканот.
Родна земја му беше Македонија и Скопје а
Татковина му беше целиот Балкан од „Крв и мед“
А за Центар на неговиот светски дух го избра како политички азилант Амстердам
Бидејќи уште во младоста како соработник на „Студентски збор“
Беше прогонуван од југословенската тајна полиција
Како поддржувач на Солидарност во Полска
И тогашната прогресивна мисла на Стариот Континент
За Идеалот, дека е потребна Интелектуална револуција во Европа
Која никогаш и до ден-денес и по Падот на Берлинскиот ѕид не се оствари
Бидејќи врие од клептократија, корупција и криминал
А Тој веруваше во зборовите на Жан Моне, таткото на Европа
„Ако Европа повторно почне да се гради треба да се започне од културата.“
Нашето пријателство од „Студентски збор“ продолжи меѓу Париз и Амстердам
Кога ја формиравме асоцијацијата „Непозната Европа“ која
Требаше да ги промовира заедничките културни трезори на Балканот во
Европската цивилизација, иако и тоа, никогаш не се оствари.
Се сеќавам на радоста на неговото лице на Фестивалот во Кан
Кога критичарот на „Гардијан“ од Лондон, Фијакра Гибонс,
Напиша за филмот „Тајната книга“, на кој Таки беше продуцент
„Не е Да Винчи кодот симбол на Европа, симбол на Европа е Тајната Книга
Евангелие на сите погубени слободни духови богомили, патарени и катари од средниот век,
Чијашто прва интелектуална револуција беше задушена во крв.“
Бидејќи тој беше редок полиглот, кој ги говореше сите балкански јазици
Сакаше да го дигитализира и хуманизира Балканот
Одејќи во спротивен правец од дефиницијата на Сулцбергер
Дека на „Балканот живеат народи кои имаат два заеднички именители:
Јадат тешко зачинети храни и лесно се убиваат еден со друг!“

Тој креираше дигитални платформи и виртуелна реалност за
Која им пренесуваше на младите генерации и токму тоа
Го правеше секојдневен сонувач за Обединет Балкан во Обединета Европа
Бидејќи беше можеби единствениот Заљубеник во Балканофилијата кој можеше
Во еден единствен ден во раните утрини да испие кајсиевача на Дунав
Да доручкува чкембе-чорба во Скопје
Да руча морски плодови во Солун и
Да вечера под Пиринскиот врв Безбог овчо кисело млеко.
Тој беше во вечно движење бидејќи мислеше дека енергијата на светлина што ја носи
Љубовта може да ги брише границите и омразата и затоа можеше
Во оригинал да ги цитира и Еминеску и Јунус Емре и Његош и Андриќ
И Миљковиќ и Пеју Јаворов и Исмаил Кадаре и Гане Тодоровски
И да го повторува епитафот на Казанѕакис од Хераклион на Крит:
„Од ништо не се плашам, ништо не очекувам, јас сум слободен!“
Неговиот татко Ристо Николов-Ичко, борец во Граѓанската војна во Грција,
Непосредно пред да почине му рекол:
Закопајате ме овде на островот Крф, ќе ми идат во задгробен сон сите другари
Со кои сонувавме дека на слободното европско и светско небо ќе пее
И слободната птица со име Македонија
Мајка му Лула која сега ги живее своите последни денови во неговиот стан во Амстердам
Рекла кога разбрала дека ненадејно починал нејзиниот син:
Господе голем, та најголем, направи уште еднаш да го родам и потоа веднаш пак да умрам!

Јордан Плевнеш,
Скопје, 4.6.2021