Некои луѓе се благословени – или проколнати – со вонсериска дарба, со талент поголем и од самиот живот. А животот не е секогаш благонаклонет кон оние на кои им е предодредено да бидат исклучителни. Таков талент во живот полн со подеми и падови поседувала Марија Калас, певицата со моќен глас. Марија Калас е родена во Њујорк во 1923 година, а по разводот на родителите се преселила во Грција, со мајка си и постарата сестра. Во детството била репресирана од доминантната и не многу грижлива мајка, а во воените години живеела во сиромаштија. Својот спас од тешкиот живот го нашла во пеењето, за кое како да била родена. Иако нејзиното големо деби во миланска „Скала“ не поминало блескаво, веќе со наредните настапи се искачила на врвот на кој доминирала со својот уникатен стил на пеење и специфичната боја на гласот.

Се изградила во грациозна дама, иако во постојана борба со вишокот килограми. Во 1953-1954 година за улогата на Медеја изгубила повеќе од 30 килограми, но тоа ѝ нанело штета на гласот и го обележило почетокот на нејзиното вокално опаѓање. Сепак, во 1959 ја снимила операта „Травијата“, со тенорот Алфредо Краус, и таа снимка, според многумина, е најдобрата изведба што е некогаш забележана. Освен по блескавата кариера, Марија Калас е позната и по професионалното ривалство со Рената Тебалди, а и по судбинската љубов со Аристотел Оназис. Поради посветеноста кон него се повлекла од сцената, а кога, по завршувањето на нивната врска, му се вратила на пеењето, гласот веќе ги имал изгубено блесокот и сјајот и таа конечно ѝ ставила крај на својата кариера. Но тука не згаснало нејзиното име. Кога ќе се каже „сопран“, секогаш првата мисла води кон неа, кога ќе се каже „дива“ се мисли на Марија Калас. Во својата кратка кариера таа успеала да остави траен белег во музичката историја – активно настапувала едвај нешто повеќе од 10 години, а и по 41 година од смртта нејзиното име е симбол на оперското пеење.

Лада Шоптрајанова Петровска