Првиот меѓународен фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“ се одржа викендов во Музејот на современата уметност во Скопје. Според организаторите, во време кога мобилните телефони и таблетите ги заменија книгите во детските раце, на Скопје дефинитивно му е потребен еден ваков настан

Омилените ликови од детските сликовници, дел од најдобрите илустратори и писатели за деца од Македонија и регионот, работилници за деца, дебата и невообичаени изложби беа дел од првиот меѓународен фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“, кој се одржа викендов во Музејот на современата уметност во Скопје. Според организаторите, во време кога мобилните телефони и таблетите ги заменија книгите во детските раце, на Скопје дефинитивно му е потребен еден ваков настан. Децата цртаа, гледаа претстава, учествуваа на креативните работилници, а полна беше и терасата на МСУ.

– Нашата идеја не е само да се промовираат најновите изданија за деца туку и да се поттикне дебата за значењето на литературата и илустрацијата во правилниот креативен и интелектуален развој на нашите деца. Токму затоа одлучивме да не организираме класичен саем на книга туку фестивал што ќе понуди шаренило од интересни и корисни содржини и за децата, но и за возрасните – велат организаторите на „Литера 2019“.

Во рамките на двата фестивалски дена се одржаа повеќе креативни работилници за деца, менторирани од авторите Билјана Црвенковска, Елизабета Баковска, Маја Веселиновиќ, Ана Кадоиќ и Катерина Тери Николовска. Посетителите на „Литера“ можеа да ја најдат и новата книга на Ване Костуранов, „Девојче и мече“.

На настанот се одржа и трибина за квалитетот на детската литература од аспект на содржината и приспособеноста на возраста. На фестивалот беше промовиран и проектот „Светот на Биби“. Марјан Алексовски, директор на компанијата „Еф-Три“ од Скопје учествуваше на трибина на темата „Квалитетот на детската литература од содржински аспект и од аспект на изборот на илустрации согласно возраста на децата“ и раскажа како се роди идејата и која е целта на овој комплексен проект. На трибината учествуваа и Билјана Црвенковска, авторка на приказните на „Светот на Биби“, Калина Малеска-Гегај, авторка и професорка, Мери Бошкова, психијатарка, Ана Лазарова-Никовска, професорка, Ника Гаврош, автор и Ване Костуранов, илустратор. Дебатата ја модерираше Ана Јовковска.

– Вистинскиот бисер на „Литера“, настан што кај многумина предизвика носталгија и со кој барем за кратко се вративме во минатото беше ретроспективната изложба на македонската илустрација до 1990 година. Публиката имаше ретка можност да погледне дел од културното наследство, односно илустрации што ги красеа списанијата „Росица“, „Другарче“, „Развигор“ и „Наш свет“, како и голем број учебници и лектири од периодот пред 1990-те години – наведуваат организаторите.
Третата изложба е на графички дела изработени од деца. Делата се работени на Графичката работилница за деца во Богданци.