Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија уште еднаш ја докажа својата филантропска мисија помагајќи им на лицата со попреченост. За да ја доближи постојаната поставка до слабовидните и до лицата со оштетен вид, изработи 10 тактилни слики придружени со опис на Брајово писмо, фотографија и текст.
За секоја секција од поставката во Меморијалниот центар на холокаустот, за глувите и наглувите посетители, подготвени се видеа на знаковен јазик и аудиоприказни, со кои посетителите ќе слушнат и ќе дознаат повеќе информации, без оглед на попреченоста. Секоја секција од поставката е претставена со текст на Брајово писмо. На тој начин, посетата на Меморијалниот центар и восприемањето на приказната за постоењето, животот, холокаустот и повторното раѓање на еврејската заедница на овие простори се достапни и за овие категории посетители.
Изложбата е насловена „Еден час“, симболика што произлегува од потребата на лицата со попреченост да имаат час повеќе при посета на музеите. Истовремено англиското име на изложбата е акроним што се поврзува со содржината на изложбата наменета за оваа категорија посетители.
– Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија својата општествената одговорност, посветеност и придонес кон заедницата ги докажува преку интеракцијата со лицата со попреченост. Нашата заложба претставува современ концепт за општествена одговорност и инклузија на културното наследство за сите – велат од институцијата.