Всушност, знаеме и како изгледале Филистејците. Египќаните ги гравирале нивните ликови во своите храмови. Тие носеле висок, пердувест накити за глава, по кој се истакнувале меѓу другите групации. Имале технологија што Египќаните ја немале видено пред тоа

За повеќето од нас, Филистејците претставуваат само ликови од библиските приказни. Тие биле војската што го испратила Голијат да се бори против Давид, народот што доминирал во Израел во времето на Самсон и ништо повеќе. Повеќето од луѓето ги сметаат за дел од обична религиозна приказна, прифатена или отфрлена, зависно од нашите уверувања. Меѓутоа, неодамна археолозите почнаа да откриваат „ситници“ од нивниот живот, па, така, дознаваме дека тие навистина постоеле. И не само тоа, туку имале и многу поголема историска улога одошто можевме да замислиме.

1. Тие биле морски луѓе што ги тероризирале Египќаните
Во 12 век пр. н.е. Египет бил тероризиран од војска позната само како „морски луѓе“. Тие биле непознати групи од непозната земја, кои со своите огромни воени бродови ги напаѓале бреговите на Средоземно Море. Египет бил немоќен против овие непознати непријатели, иако зборуваме за време кога државата била на врвот од својата моќ. „Доаѓаа смело на своите воени бродови некаде од средината на морето и никој не можеше да им се спротивстави“, напишал Рамзес Втори. Тие се една од најголемите историски мистерии, за кои знаеме премалку. Сепак, благодарение на записите од фараонските гробници, успеавме да дојдеме до некои факти. Морските луѓе се состоеле од неколку племиња, од кои едното се викало Пелесети (според многумина, тоа е египетскиот збор за Филистејци). Наедно, тие не биле обични насилници што го одбрале само Египет за своја цел, туку светски освојувачи што доминирале со целиот Медитеран.

2. Имале супериорна технологија
Всушност, знаеме и како изгледале Филистејците. Египќаните ги гравирале нивните ликови во своите храмови. Тие носеле висок, пердувест накит за глава, по кој се истакнувале меѓу другите групации. Имале технологија што Египќаните ја немале видено пред тоа. Нивните бродови биле нешто дотогаш незамисливо за египетскиот народ, а биле и пионери во стрелање со лак и обработка на железо. Опремата што ја носеле со себе го има сменето текот на светскиот развој. Кога нивната напредна технологија се измешала со онаа на Египќаните и на Канајците, се дошло до епохални технолошки откритија.

3. Можно е да биле Грци
Никој точно не знае од каде дошле Филистејците. Некои претпоставуваат дека пристигнале од Грција, поточно од градот Микена. Археолозите што пронајдоа некои филистејски уметнички дела, тврдат дека тие се убедлив доказ за нивното географско потекло. Многу парчиња од нивната грнчарија го преживеале тестот на времето и драстично се разликуваат од оние на нивните соседи – Канајците. Нивните грнчарски производи многу личат на микенската традиција, па затоа археолозите заклучија дека Филистејците ја развиле својата култура во стара Грција. Грчкото влијание е особено видливо во најстарите пронајдени артефакти. Иако не се сите уверени во нивното грчко потекло, наскоро ќе ја дознаеме вистината. Историчарите нарачаа ДНК-тестови на филистејски скелети откриени во Ашкелон. Тие ќе ни го дадат одговорот.

4. Му помогнале на Египет да го освои Блискиот Исток
Еден од најпознатите египетски артефакти е натписот изгравиран во камен од фараонот Мернептах. Со него фараонот сакал да се пофали дека го освоил Блискиот Исток и дека сите негови соседи се под египетска власт. Но според историчарот Ерик Клајн, Мернептах само се кител со туѓи перја, припишувајќи си ги како своја заслуга походите на Филистејците. Во времето кога е изгравиран натписот, морските луѓе пустошеле низ Блискиот Исток, убивајќи илјадници луѓе во државите што Мернептах потоа ги декларирал за свои. Сѐ што требало да направи Египет е да влезе на териториите уништени од морските луѓе и да тврди дека се негови.

5. Му помогнале на Египет да ја заземе и Кана
Египет не бил единствената држава што ги искористила освојувачките походи на морските луѓе. Во тоа време Израел влегол во војна со Кана. Според Библијата, ова е моментот кога Израелците стигнуваат во Ветената Земја. Теоријата на Клајн вели дека Израелците им ја должеле оваа победа на Филистејците. Клајн верува дека тие пристигнале во Кана набргу откако Мернептах ја освоил. Ако тој е во право, Израелците ѝ ја должат својата најголема победа токму на државата што подоцна ќе стане нивен најопасен непријател.

6. Го донеле опиумот во Израел
Филистејците не донеле само оружје со себе, туку и растенија. Најмалку 70 вида растенија воопшто не се појавуваат во Израел до 12 век пр. н.е., па логично е да се заклучи дека токму Филистејците биле тие што ги „доселиле“. Некои од овие растенија денес ги сметаме за неразделен дел од традицијата на Израел. Јаворовото дрво, коријандерот, кимот и лаворот биле донесени на неговата територија од страна на морските луѓе. Истото тоа се однесува и на опиумот. Тогаш веќе се знаело каков ефект може да произведе тој. Филистејците добро ја знаеле неговата моќ, користејќи го за своја корист.

7. Рамзес Трети ги поразил
Морските луѓе го опустошиле Египет за време на Рамзес Втори и Мернептах, но потоа се судриле со рамен на себе – фараонот Рамзес Трети. Според еден натпис во храмот на фараонот, тие тргнале кон Египет за да го срамнат со земја. „Нивните срца беа самоуверени, полни со свои планови“, пишува Рамзес Трети. Блокирајќи ги реките со воени бродови како ѕид и испраќајќи огромна војска на брегот, тој лично бил во првата борбена линија и се борел заедно со своите војници. Филистејците биле буквално смачкани од него.

8. Египќаните им ги отсекле гениталиите
На Рамзес Трети не му било доволно само да ги убива Филистејците. Овие луѓе со години го измачувале неговиот народ. Тој решил да ги осакати нивните тела на најстрашниот можен начин. Им наредил на своите војници да ги бројат мртвите така што ќе им ги отсекуваат рацете, главите, па дури и гениталиите. Според него, се работело за една огромна победа. Постојат изгравирани слики на ѕидовите од неговиот храм, на кои се гледа како неговите советници му прикажуваат купишта отсечени пениси. Чинот имал подлабоко значење. Според египетската религија, осакатувањето на мртвите Филистејци значело дека не може да имаат задгробен живот. Египќаните длабоко ги мразеле овие луѓе. Не им било доволно да им ги убијат телата, туку сакале да им ги уништат и душите.

9. Биле поробени од Египќаните
Откако го одбиле нападот на Филистејците, Египќаните навлегле на нивната територија и ги потчиниле, правејќи ги поданици на фараонот, кои плаќаат високи даноци во облека и жито. Но плаќањето даноци била посреќната варијанта за еден Филистеец. Цртежите на египетските ѕидови покажуваат дека многу од нив биле ставени во ропски синџири. Египќаните ги сместувале Филистејците веднаш до Израел. Во текот на следните векови, овие соседи постојано ќе војуваат, одредувајќи ја така идната историја на Евреите. Всушност, конфликтот започнат тогаш се одржува до денешно време.

10. Тие го втурнале светот во мрачната ера
Новиот дом на Филистејците бил во средиштето на трговските линии. Во следните неколку години тие добиле делумна независност од Египет, а нивните војни со соседите имале огромно влијание на идните историски настани. Се верува дека токму тие го прекинале снабдувањето со калај во областа на Медитеранот. Зошто било значајно тоа? Калајот бил потребен за правење бронза, а станува збор за бронзената доба. Во наредните 200 години, Филистејците ги втурнале соседите во мрачната ера. Големите империи како онаа на Канајците, Хитите, Кипарците и Микените биле соочени со пропаст. Блискиот Исток бил насилно втурнат во еден од најтемните периоди на човековата историја. Оние што преживеале се префрлиле од бронза кон железо. Новата железна доба започнала, во најголем дел, по заслуга на народот, за кој до неодамна не знаевме речиси ништо.В.Б.Н.