Книгите не се секогаш само начин на забава и пополнување на слободното време помеѓу многубројните обврски. Многу од нив имаат важна улога во вашиот живот, едни ќе станат ваши водичи низ животот, други ќе го обликуваат вашиот поглед кон светот, а трети ќе ве повлечат во сосема нова насока по која никогаш не сте ни помислувале дека ќе тргнете. Во овој избор се вклучени десет исклучителни наслови што секој треба да ги прочита барем еднаш во животот. Оваа листа вклучува некои од најчитаните класици на сите времиња, но и книги што се на пат да станат класици за новите генерации. Заедничко им е што комбинираат големи литературни вредности, маестрални наративни техники, интересни теми и стил што едноставно освојува.

Габриел Гарсија Маркез: „Сто години самотија“
Најпознатиот роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркез е објавен во 1967 година, преведен на 30 светски јазици и продаден е во милиони примероци во светот. Ова дело на колумбиската литература следи неколку генерации на семејството Буендија во измислениот град Макондо, основан од Хозе Аркадио Буендија и неговата сопруга Урсула Игуаран. Ликот на Урсула поврзува многу генерации на семејството. Имено, таа умира на возраст помеѓу 114 и 122 години и е сведок на сите подеми и падови на семејството. Она што го издвојува делото е магичниот реализам, литературен феномен што јужноамериканските писатели маестрално го вметнуваат во своите дела, жанр што ги испреплетува сонот и реалноста. Приказната е критика на колумбиската историја преку приказната за едно несреќно семејство, проткаено со метафори на сите нивоа.

Лав Николаевич Толстој: „Ана Каренина“
Романот „Ана Каренина“ дава приказ за руското општество во 1870-тите години преку сликата за љубовта како основен двигател на човечките животи, преку три различни брака и една вонбрачна врска. Книгата зборува и за религијата, позицијата на рускиот селанец во општеството и потрагата по смислата во животот, сето тоа преку ликот на Левин како противтежа на Ана. Жанровски може да се дефинира како филозофски, психолошки, љубовен и социјален роман. Преку оваа жанровска испреплетеност, Толстој успева да создаде ликови направени од месо и крв, со добри и лоши карактеристики, сосема спротивно на карактеризација на ликовите во претходните книжевни епохи каде што има идеализирани карактери.

Антоан де Сент Егзипери: „Малиот принц“
„Малиот принц“ е книга што совршено ги поврзува децата и возрасните, односно ја замаглува границата помеѓу литературата за деца и литературата за возрасни. Тоа е дело на т.н. фантастична литература што гради нереален свет врз основа на реалниот свет, приказна за средбата меѓу авијатичарот и златокосото момче во пустината. Книгата, напишана уште во 1943 година, е актуелна преку критиката на општеството и посочувањето на вистинските вредности на животот. Токму тоа ги охрабрува и возрасните да го читаат ова безвременско дело. Речиси секоја реченица што ја изговара малиот принц е култна, а неговите пораки не може да бидат повистинити.

Албер Ками: „Странецот“
Во фокус на дејствието е мистериозен млад човек што не покажува чувства на погребот на својата мајка, не се грижи за љубовта или кариерата и станува случаен убиец без никаков мотив. „Странецот“ е еден од најважните романи на 20 век. Главниот јунак Мерсо хронолошки ги презентира настаните во неговиот живот, а раскажувачот се раководи од идејата за апсурдот, од каде што потекнува поимот филозофија на апсурдот, што Ками подоцна го негираше. Бидејќи тој верува дека нема смисла да се инвестира во односите со луѓето, бидејќи еден човек на крајот умира сам, тој е целосно странец за сите околу него, но најмногу од сè тој е странец за самиот себе. Ликот се судира со целиот свет, ги отфрла љубовта, религијата, кариерата, па дури и самата слобода, што е во согласност со големите промени што се случија во 20 век.

Фјодор Достоевски: „Злосторство и казна“
Достоевски беше ценет како автор во текот на целиот живот, а по неговата смрт неговите дела станаа едни од најдобрите класици на сите времиња. Многу луѓе го познаваат и го сакаат неговиот култен реалистичко-модернистички роман „Злосторство и казна“, во кој тој зборува за проблемите на криминалот и казната, гревот и потрагата по правда, страдањата на сиромашните, благородништвото и мрачната реалност на тогашен Сент Петербург. Темата е злосторството, двојното убиство што го извршува Раскољников и казната што следува (повеќе психичка, отколку физичка). Во психичката казна е содржана и идејата – дека човекот самиот повеќе се казнува и измачува отколку што може да го казни општеството.

Џон Стајнбек: „Источно од рајот“
Американскиот лауреат на Нобеловата награда, Џон Стајнбек, напиша многу значајни литературни страници во својата кариера, но „Источно од рајот“ за многу книжевни критичари е неговиот најдобар и најамбициозен роман. Книгата ги следи преплетените судбини на две семејства – Траск и Салинас – чии припадници безнадежно го повторуваат падот на Адам и Ева, како и смртоносното ривалство на Каин и Авел. Семејни тајни и нарушени односи, потрага по идентитет и мајка, мистеријата на љубовта… се некои од најважните елементи на романот. Романот ги потенцира библиските елементи што го прави овој роман еден од најчитаните и најважни во историјата на американската литература од 20 век.

Џорџ Орвел: „Животинска фарма“
Романот беше забранет во различни делови на светот, особено во поранешниот СССР и во Германија пред падот на Берлинскиот ѕид, па дури и години подоцна, а сè уште е забранет во Куба, Северна Кореја и некои муслимански земји (поради фактот дека свињите зборуваат, што е неприфатливо за муслиманите). Веќе е јасно од овие податоци дека книгата им пречела на голем број луѓе поради темите со кои се занимава. Самиот Орвел го карактеризира ова дело како басна, но всушност станува збор за нешто посложена сатира што се потсмева на тоталитаризмот, комунизмот и на револуцијата воопшто. Сталин, Ленин, Наполеон и други историски личности може да бидат препознаени во ликовите на животните. Иако ова се тешки теми, обработени се со леснотија и хумор.

Харпер Ли: „Да се убие птицата подбивница“
Американската писателка Харпер Ли е доказ дека никогаш не е доцна да се создаде една од најдобрите книги на сите времиња. Покрај тоа, таа ја доби Пулицеровата награда за своето дело, и за кратко време овој драматичен роман стана неизбежно четиво за милиони читатели во светот. Заплетот на овој роман за растењето и развојот ги следи животите на семејството на адвокатот Финч и неговите деца. Преку стилски едноставни реченици, ретроспектива и видливо чувство за нарација, Ли презентира теми што беа многу релевантни во нејзината земја во текот на 19 и 20 век како расната дискриминација, позицијата на жените во општеството, тешкиот јужњачки живот, но и борбата за правда и почит кон сите луѓе. Во 2006 година, британските библиотекари го прогласија овој роман за книга поважна од Библијата и истакнаа дека никој не смее да пропушти да го прочита.

Штефан Цвајг: „Новела за шахот“
Штефан Цвајг од семејство со еврејско потекло е доктор по филозофија, ерудит и светски патник, еден од најжестоките поддржувачи на духовното единство на Европа и портпарол на мирот во светот. Неговите песни, раскази, есеи и драми се под влијание на импресионизмот, симболиката и психоанализата, а меѓу нив е и „Новела за шахот“, чие дејство се случува на луксузна јахта што плови од Њујорк до Буенос Аирес, на која се наоѓаат шаховскиот велемајстор Мирко Шентовиќ, доктор Б. и милионерот Мек Конор. Шаховската игра што ја играат има силна политичка заднина, а во исто време е насочена кон сè што се случува кај индивидуа што сака да избегне ментално гладување. Состојбата на општеството што влијае на поединецот се објаснува преку метафората на шахот, шаховските фигури и табли, со директна критика на нацизмот, на кој Цвајг жестоко се спротивставува.

Ренди Пауш: „Последното предавање“
Што би направиле ако дознаете дека имате смртоносна болест и само уште неколку месеци живот? Соочен со ваква вест, Ренди Пауш, универзитетски професор, го одржа своето последно предавање пред своите студенти и колеги. Книгата стана своевидна сензација при чие читање е невозможно да се задржат солзите, но и да се почувствуваат духовитоста, силата и топлината на авторот. Книгата всушност ги содржи мемоарите од животот на Пауш, моментите на кои тој е особено горд, како и оние за кои жали. Неговото животно искуство ни помага да бидеме благодарни за она што го имаме и да ги искористиме сите таленти и можности што ни се нудат. Како што рече Пауш, ќе жалиме за оние работи што не сме ги направиле во животот, а не за оние што ги имаме направено.