Десеттото јубилејно издание на фестивалот „Прилеп џез викенд“, во организација на здружението за супкултура ПП „Џез фестивал“, ќе биде одржано онлајн од 26 до 29 август во Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Фестивалот годинава ќе го отвори „Кантон 6“ (Мирко Попов – машина, вокали; Синиша Евтимов – синтисајзери, гитара; Владан Дробицки – тромбон), пионерски кросовер музички проект, кој датира од 2000-та година и е, пред се, интелектуален производ на Синиша Евтимов – еден од водечките современи македонски театарски режисери и Мирко Попов – сеприсутен на нашата сцена како композитор/продуцент, диџеј, издавач и музичар воопшто. Постојаната промена и желбата за авантура, го доведоа „Кантон 6“ до големото џез откровение, па последниве неколку години за бендот се исполнети со бројни соработки и лајв импровизации. Таа активност резултираше со третиот по ред, неверојатно интересен албум „Џезус“, во кој на основните членови, во бендот се приклучи и извонредниот џез и класичен тромбонист, лидер на легендарните Сетстат, Владан Дробицки. „Џезус“ носи оригинален звук, но и длабоко мистичен призвук. Основната електроника е третирана во македонски етно манир со модерен допир, а вкрстувањето со џезот е храбро, но природно….

Првата вечер од фестивалот ќе ја затворат „Летечки пекинезери“, бенд кој повеќе пати
настапувал во Прилеп, со голем број на свои локални обожаватели кои годинава направија голем притисок кај организаторот за нивното учество на овогодинашното јубилејно издание на „Прилеп џез викенд“.

„Летечки пекинезери“ е состав кој постои повеќе од петнаесет години на македонската џез сцена. Од првобитната формација трпи многу мали измени, но филозофијата на овој бенд, сепак, останува иста во текот на годините. Самото име им е одбрано со намера да се разниша општото мислење на луѓето дека џезот е премногу интелектуална музика која не секој ја разбира. Затоа главната цел на овој состав е да се придобие секој слушател, без разлика дали се работи за претерано музички едуцирана личност или, пак, лаик во таа област. Нивниот звук најмногу гравитира кон свинг-звуците од 30-тите и 40-тите години на минатиот век, но ако внимателно слушате или, да речеме дека сте познавач на свинг-музиката, ќе наидете на многу моменти кои и не се толку својствени за составите од тоа време. Тоа се должи најмногу на фактот дека „Летечки пекинезери“ изведуваат исклучиво авторска музика и како состав од Македонија не се плашат понекогаш да се препуштат на влијанието на македонската музика. „Летечки пекинезери“ се во состав Бојан Петков (гитара), Иво Солдатовиќ (кларинет), Петар Христов (тенорски саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас), Славчо Коцев (тапани).

Втората вечер ќе ја отворат „Такси конзилиум“, кои за себе умеат да кажат дека бендот е спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите можни други офтикави форми на музичка експресија (членови на: „Кобалт коуд јунит“, Јордан Костов Квинтет, Филип Букршлиев Трио, „Фајтинг виндмилс“, „Светлост одрон ритуал оркестра“, „Шок труперс“…), поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ. Како виежот на осамениот кларинет кој што им свири контрапункт на звуците на обљуба кои што доаѓаат од другата соба. Како што Ерик Долфи би звучел кога би бил лик во роман од Томас Пинчон. Сенки и испарувања, злокобна смеа во далечина. Малициозно стврднување под долгиот мантил во сомнително мрачно сокаче. Тие се во состав: Благојче Томевски – бас и бб кларинет, Филип Букршлиев – гитара, Андреа Мирческа – контрабас и Драган Теодосиев – тапани.

Вториот дел од вечерта е резервиран за гитаристот Тони Китановски и бендот „Панда 5“.
„Панда 5“ е музичка лабораторија составена од врвни македонски џез артисти која изведува оригинални композиции од Китановски. Белег на овој состав е спонтаната и често колективна импровизација во солистички аранжерски манир. Нивниот прв албум насловен „Биг сити скер” го издаде СЏФ во 2018. Во проширена формација насловена „Тони Китановски литл биг бенд“ повторно настапија на СЏФ минатата година. Во Прилеп ќе изведуваат композиции од двете инкарнации на составот како и нешто ново. Заедно со нив ќе настапи и гостинот од САД трубачот Чед МекКалох, истакнат интернационален изведувач кој живее во Чикаго, Илиноис. Често соработува со белгискиот пијанист Брам Веитерс и има настапувано со Тим Хаганс, Дана Хол, Дејв Даглас, Стив Колман и Авишаи Коен. Неговиот последен албум „Форвард“ беше прогласен за еден од најдобрите албуми за 2020 година во „Чикаго трибјун“.
Работи на факултет во одделите за џез на Универзитетот „ДеПол“ и на Универзитетот на Висконсин-Медисон.

Третиот ден на фестивалот ни нуди многу интересна програма.На почетокот ќе имаме можност да ги слушнеме „Трибјут то Џез месинџерс“… еден комбо состав од врвни македонски џез инструменталисти кој дава омаж на легендарниот бенд „Џез месинџерс“, кои почнуваат со работа во раните 1950-сти и се активни се до 1990 година.

Низ составот ќе продефилираат повеќе еминентни џез артисти како: Арт Блеки (како лидер или колидер на бендот), Кени Дорам, Хенк Мобли, Бени Голсон, Ли Морган, Вејн Шортер, Хорас Силвер, Фреди Хабард, Куртис Фулер, Винтон и Брентфорд Марсалис и многу други.

Групата секогаш била терен за млади изведувачи, а со самото членување во „Месинџерс“ тие добивале легитимитет во џез светот. Во нивната дискографија со огромно значење тие имаат неверојатни: 47 студиски албуми, 21 албуми во живо, 6 компилациски албуми и 2 албуми со наменска музика.

„Трибјут то Џез месинџерс“ се во состав: Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Андреа Мирчевска – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Зоран Костадиновски – гитара, Виктор Филиповски – тапани.

Џез викендот ќе го затвори составот на врвни музичари квартетот „Сајуга“ и Јуре Пукл. Ѕвезда на вечерта е саксафонистот Јуре Пукл, артист кој живее и работи во Њујорк, а се школувал на музичкиот колеџ „Беркли“, исто како и познатиот пијано музичар Васил
Хаџиманов, чие име веќе многу далеку одекнува во светот на џезот, ворлд и импровизираната музика. Хаџиманов зад себе има остварено многу значајни дела, одлични концертни настапи и со својот препознатлив виртуозен стил на музицирање значи многу повеќе од само едно обично отсвирување на музиката. Заедно со Оливер Јосифовски и Александар Петров, тапанер, перкусионист, кој што долго време живееше во Париз, твореше во Њујорк го составуваат квартетот „Сајуга“.

Годинава „Прилеп џез викенд“ ќе понуди квалитетен настан на 29 август, на
локалитетот Врбјанска Чука (кај село Славеј), при што ќе се проследи перформансот „Љубојна амбиенс“, проектот посветен на музиката како амбиентален простор, што не
опкружува и нејзиниот одзвук како постојана звучна состојба.

Бендот Љубојна веќе 20 години гради широк и слоевит звучен дизајн, менувајќи ги,
раздвижувајќи и комбинирајќи ги звучните модели во различни созвучја. „Љубојна амбиенс е едно од тие созвучја, како што велат организаторите. Ка.М.