Уметничкиот директор на театарот, Владимир Ѓорѓевиќ, на неодамнешната прес-конференција, која се одржа таму, говорејќи за работата на „Дервишот и смртта“, нагласил дека станува збор за голема претстава, за голем ансамбл и за голем авторски тим

На тврдината Кастел во Бања Лука, на 2 септември, е планирано да се одржи премиерата на театарската претстава „Дервишот и смртта“, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на ансамблот на Народниот театар на Република Српска од истиот град. За денеска е закажана претпремиерата на оваа претстава, работена по незаборавниот истоимен роман на Меша Селимовиќ, а таа е дел и од активностите на театарот за одбележување на неговиот деведесетти роденден годинава.
Уметничкиот директор на театарот, Владимир Ѓорѓевиќ, на неодамнешната прес-конференција, која се одржа таму, говорејќи за работата на „Дервишот и смртта“ нагласил дека станува збор за голема претстава, за голем ансамбл и за голем авторски тим.

– Режисерот Дејан Пројковски е познат по тоа што работеше на повеќе значајни претстави во регионот. Станува збор за човек што работел дела од големи автори, големи наслови во Бугарија, Македонија, Црна Гора и во Србија – рекол Ѓорѓевиќ.
Пројковски, пак, истакнал дека споменатата претстава и авторот Меша Селимовиќ ја покажуваат смислата на постоењето на нашата цивилизација, покрај Достоевски, Шекспир, музиката на Бах, Моцарт и други. Македонскиот режисер наедно рекол и дека е пресреќен што Англичаните го играат Шекспир во оригинал, но и дека и ние можеме да го играме Селимовиќ во оригинал, што навистина претставува голема работа, чест и одговорност.
– Работејќи ја претставата во форма на спектакл, мислам дека навистина се трудиме да го пренесеме тој свет на Меша Селимовиќ на сцена, а во таа пригода се обидуваме да создадеме еден театарски јазик што е адекватен на романот. Мислам дека на тој начин создаваме една многу интересна сценска естетика, каде што игра еден огромен актерски ансамбл, а неговата игра е главниот адут што го манифестира нашиот спектакл.

Станува збор за еден продукциски проект со многу барања и јас сум му благодарен на Народниот театар на Република Српска што ни даде можност да го работиме Меша Селимовиќ во ваков формат – рекол Пројковски.
Дизајнер на плакатот за „Дервишот и смртта“ е Сергеј Светозарев, а музиката е на Горан Трајковски.
Работата на оваа претстава поради актуелната пандемија на коронавирусот за време на неколкумесечното неработење на театарот беше прекината, а потоа продолжи.

Во претходниот период и овој театар ги емитуваше своите претстави на јутјуб-каналот, а важно е да се забележи и дека неговите актери доаѓале на сцената „Петар Кочиќ“, каде што биле снимани видеоматеријали во кои читале поезија и проза, за и на тој начин да се дружат со публиката. Деновиве е најавено и дека на веќе закажаниот „Ѕвезден театар“ од 6 до 11 јули, на покривот на Народниот театар на Република Српска, ќе бидат одиграни неколку претстави.