Одржувањето на пан-европскиот настан „Ден на млада публика“, во кој Македонија зема учество веќе шеста година по ред, овој пат ќе се одвива во виртуелен формат.

Заради глобалната пандемија со ковид-19, Европската филмска академија која е организатор на настанот извести дека за жал мора да се откажат сите кино проекции кои беа планирани да се одржат во 40 европски земји на 26ти април.

– Денот на млада публика оваа година ќе се одржи во потполно виртуелен формат и на овој начин на младата публика од Европа повторно ќе и се овозможи гледање на одлични филмски остварувања. Иако, со ништо не може да се спореди искуството на гледање на филм во кино-сала во друштво на други љубители на филмската уметност, во оваа ситуација најважно е да се спречи ширењето на вирусот – порача Европската филмска академија.

На 26-ти април околу 100 деца на возраст од 12-14 години од неколку основни училишта од Скопје заедно со своите врсници од другите европски земји ќе се приклучат онлајн, од своите домови, за да ги проследат 3-те номинирани европски филмови, наменети за младата публика. На овој начин, тие ќе бидат дел од меѓународното жири кое ќе одлучи кој филм ќе ја понесе наградата од млада публика (EFA Young Audeience Award) која е официјална категорија во рамките на Европските филмски награди во организација на Европската филмска академија.

Во трката за најдобар европски филм наменет за младата публика, овој пат се филмовите: „My brother chases dinosaurs“ во режија на Стефано Чипани (Италија/Шпанија), „My extraordinary summer with Tess“ во режија на Стивен Вутерлод (Холандија/Германија), „Rocca changes the world“ во режија на Катја Бенрад (Германија).

Покрај проследувањето на филмовите и гласањето за најдобар европски филм, преку live stream младите од 40 европски земји ќе имаат можност да комуницираат меѓу себе, но и да поставуваат прашања на режисерите на филмовите.

Овој пан-европски настан чиј официјален домаќин е градот Ерфурт во Германија е креиран во насока на размена на мислења на младите во Европа, поттикнување на нивната мултикултурна комуникација, запознавање и прифаќање на различностите, како и подигнувањето на свеста за суштествени општествено-социјални прашања во европски рамки. Овој настан низ филмскиот ракурс на младата публика и овозможува да дознае повеќе за земјите во Европа, националностите, како и нивната култура и традиција.

Организатор на настанот во Скопје е Агенцијата за филм на Република Македонија, која во соработка со Град Скопје учествуваат во оваа иницијатива од 2015 година.