Македонскиот јазик доби свој ден, 5 Мај, кој според одлуката на Владата ќе се одбележува како празник од работен карактер. Одбележувањето годинава е закажано за 6 мај, кога според веќе утврдената програма во Институтот за македонски јазик, во 11 часот, во рамките на меѓународната конференција „Денови на Благоја Корубин“ ќе се одржи трибина посветена на новововедениот празничен ден.

Директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска, укажува дека оваа институција, која во консултација со владиниот Совет за македонски јазик и со Министерството за култура донела став за донесување на одлуката за прогласување на Денот на македонскиот јазик, со програмата предвидела на првото одбележување да бидат поканети сите лингвисти, македонисти, професори и студенти од универзитетите во земјава, како и ученици од основните и средните училишта во Скопје. Таа нагласува и дека „Деновите на Благоја Корубин“, кои годинава се одбележуваат по 23-ти пат, ќе продолжат да се одвиваат и на 9 и на 10 мај.

Људмил Спасов, професор на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кој е и претседател на Советот за македонски јазик, изјави дека споменатата владина одлука е донесена по предлог на Советот на неговата претпоследна седница, кој бил едногласно прифатен. Спасов нагласува дека и на овој начин, со прогласување на Денот на македонскиот јазик, Македонците, но и сите други што живеат во државава, им оддаваат почит на културните настани важни за еден народ, за една заедница.

– Предвидуваме на тој ден во училиштата, почнувајќи од прво одделение, а зошто не и во градинките, кај децата од 4-5-годишна возраст, да се организираат приредби за негово одбележување за да се зајакне свеста за припадноста на една култура, за припадноста на македонскиот јазик. Вакви одбележувања има и во повеќе европски земји што оддаваат почит на своите јазици. Македонскиот јазик ги обединува и другите заедници што живеат на територијата на нашата држава, така што очекуваме Денот на македонскиот јазик да биде одбележан и од училиштата што не се на македонски јазик и обратно. На празниците на другите заедници или на важните денови за нивната култура треба и Македонците да им оддадат почит, бидејќи заедно живееме, битисуваме. Одбележувањето на овој ден нема да биде пречка за другите јазици, за другите заедници во Република Северна Македонија, туку еден од обединувачките елементи – вели Људмил Спасов.

Тој информира дека годинава за прв пат по повод новопрогласениот ден, Филолошкиот факултет, кој го носи името на Блаже Конески, ќе организира посета на неговата родна куќа во Небрегово, каде што ќе бидат и промовирани книги од автори од истиот факултет. Тој укажа дека очекува од Бирото за развој на образование да потекне и иницијатива Денот на македонскиот јазик да се одбележува во сите училишта во државата.


Македонската азбука првпат отпечатена во „Нова Македонија“

Првата македонска официјална азбука првпат е објавена во весникот „Нова Македонија“, во тробројот од 5, 6 и 7 мај 1945 година, откако Народната влада на Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета, донесе решение за утврдување на македонската азбука, која има 31 буква. Во тој период весникот претставувал и учебник од кој децата учеле во првите повоени училишта. Првиот број на „Нова Македонија“ бил лекториран лично од Блаже Конески. Архивата на весникот денес е најголемиот и единствен сведок на најзначајните настани за македонската државност. Денес сите испечатени изданија се сочувани, а можат да се погледнат во Универзитетската библиотека во Скопје.