Втората сезона на 43. Денови на македонска музика се отвора со малите, но големи уметници, светски наградуваните Ивана Мазнејкова и Ана Мазнејкова. Нивниот концерт, наречен „С2Е1: Детско матине“ е денеска во 18 часот во Музејот на македонската борба, со дела од авторите С. Стојков, Б. Цанев, М. Николовски, Б. Светиев, С. Гајдоска, А. Пандевска, Д. Андовска. Подиумот на ДММ и понатаму ќе биде отворен за најмладите уметници и големи надежи на македонската музичка сцена.
– Со неизмерна почит кон неодамна починатиот македонски композитор Благој Цанев и сесрдна поддршка од неговото семејство, на 19 октомври ќе се реализира камерен концерт насловен „Омаж на проф. Благој Цанев“, на кој ќе настапат видни имиња од македонската музичка сцена, како младите и големи надежи Александар Иванов и Ева Богоевска, реномираните Гонце Богоромова, Паскал Краповски, Владимир Лазаревски, Здравко Ангелов, Ванчо Стојановски, Владимир Костов, Владимир Крстев, Марко Виденовиќ и светската, но македонска ѕвезда, Симон Трпчески – најавуваат организаторите.

Продолжува и циклусот „Запознајте го композиторот“, каде што одблизу можеме да дознаеме за животниот пат и творештво на авторите преку анегдоти и провокативни прашања. На 20 октомври, во Музејот на македонската борба, ќе има средба со годинашниот лауреат на наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело, професорот Живоин Глишиќ, заедно со модераторот Тони Димков. На 21 октомври е концертот „С2Е4:ConTemporaRies“, каде што под уметничкото раководство и диригентска палка на Ангел Спироски ќе настапи единствениот ансамбл, специјализиран за современа музика во Македонија, „Кон темпора“. Тие на програмата ги имаат своите современици од најмладата генерација композитори, како Н. Крстевски, А. Спироски, Г. Симоноски, К. Силкер (Холандија/Македонија), Б. Светиев, Д. Темков и Б. Поповиќ (Србија).

– Втората сезона ја заокружуваме со „Мозаик“ – концерт на Скопскиот дувачки квинтет, еден од најстарите активни ансамбли на македонската сцена, кои секогаш имаат на својот репертоар дела од македонски автори и се активни амбасадори на македонската музика низ целиот свет. На нивната програма се дела од легендите на македонската музика – Т. Прокопиев, Љ. Бранѓолица, А. Лековски, Д. Ортаков и Т. Манчев – велат од ДММ.