Има ли операта иднина? До кога ќе издржи оваа скапа театарска форма пред да издише, заедно со својот последен гледач во пустото гледалиште?

Многумина лаици со години се прашуваат дали операта како скап жанр, кој нема многу публика, наскоро ќе изумре заедно со публиката, меѓутоа кобните предвидувања се далеку од вистината и извираат само од целосна неинформираност. Вистина е дека операта денес се соочува со проблеми, како впрочем и сите други гранки на уметноста, соочени со скратување на средствата наменети за култура, но истовремено и токму поради тоа, операта е подрачје на кое цветаат креативноста и фантазијата, барем во светските оперски центри. За нејзината виталност и престиж свeдочат и големиот број изградени оперски куќи во последните децении, често ремек-дела на современата архитектура. Меѓутоа, има смисла да се постави прашањето каква е нејзината иднина.

На ова прашање веќе 20 години, колку што постои, се обидува да одговори и меѓународниот оперски фестивал „Барток плус“, кој се одржува во унгарскиот град Мисколц, каде што задоволната публика ужива и во романтичните арии од 19 век, но и во современите дела што обработуваат тешки и актуелни теми.

Годинава, во меѓународна копродукција во Мисколц, првпат во Унгарија е прикажана операта „Златниот змеј“ на Петер Еотвос, унгарски композитор со светска слава. Операта, настаната според истоимената драма на Роланд Шимелпфенинг, го разоткрива суровиот свет зад кулисите на еден азиски ресторан на Западот, во кој еден мигрант затоа што е илегалец без право на постоење, а камоли здравствена заштита, една обична забоболка ќе го чини живот.

Во Мисколц светска премиера имаше уште едно современо дело. На натпреварот со симболичен наслов „Клучот на иднината на операта“, жирито ја награди операта „Нора“ на австрискиот композитор Албин Фриес, кој иднината на жанрот ја гледа во враќање во минатото, создавајќи во манирот на доцната романтика, вклучувајќи и избор на теми како потрагата по љубовта.

На фестивалот беше изведено и ремек-делото на музичката модерна, многу тешка едночинка „Дворецот на Модробрадиот“ на Бела Барток, во фантастична изведба на Унгарската национална филхармонија. Сепак, големото финале беше со успешната и уверлива продукција на „Кавалерија рустикана“, во амбиент на пошумен рид над градот со црквичка.

Оперската ревија во Мисколц е само еден од примерите и доказ за виталноста на операта, чија тајна е токму во нејзината разновидност, соживотот на големите дела на класичните мајстори со модерното, а понекогаш и осовременувањето на застарените музички и сценски експерименти. Условот за успех и среќна иднина бил и секогаш ќе биде истиот: исклучителност и страст во изведбите што секогаш ќе ја привлекуваат и воодушевуваат публиката, но и свежи идеи и нови теми што ќе привлечат нова публика.