Не случајно оваа општина е град на културата на Македонија за 2018 година. Тука се манастирот „Свети Јован Претеча“, црквите „Св. Јован Богослов“ и „Свети Никола“ во Слепче, манастирот „Свети Никола“ кај Слоештица, црквата „Света Петка“ во Жван – сите од 14 век…

Со свечено дефиле и пригодна културно-уметничка програма на Велигденскиот фолклорен фестивал, Демир Хисар и официјално ја почна својата програма како „Град на културата“ за 2018 година. Во текот на оваа година, во општината ќе се случуваат повеќе настани, концерти, претстави, изложби, литературни читања и различни активности на уметници и културни работници од земјата, како и гостувања и настапи на странски уметници. Манифестацијата ја отворија градоначалникот на општината Демир Хисар, Марјанче Стојановски, и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски…

Министерот Алаѓозовски пред присутните истакна дека во оваа година, кога Демир Хисар е културна престолнина во нашата земја, а Европа ја прогласи за година на културното наследство, Владата и Министерството за култура ќе бидат посветени да го негуваат и чуваат она по што Македонија е позната и се гордее во целиот свет, богатото наследство и разните слоеви од цивилизации и култури напластени на овие простори низ историјата. – Во таа смисла, не случајно оваа општина е град на културата на Македонија за 2018 година.

Имаме обврска и кон богатото културно наследство на Демир Хисар, за жал, недоволно истражувано, ниту пак заштитено или промовирано онака како што заслужува. Тука се манастирот „Свети Јован Претеча“, црквите „Св. Јован Богослов“ и „Свети Никола“ во Слепче, манастирот „Свети Никола“кај Слоештица, црквата „Света Петка“ во Жван – сите од14 век, потоа црквата „Влашки гробишта“ во урнатини во селото Обедник; има локалитети со делови од населби, тврдини, некрополи, фрагментарна керамика и сл. во Граиште, Жван, Железнец, Зашле и Обедник. Неодминлив и важен дел од историјата на овој крај и нашиот народ од илинденскиот период се гробот и споменикот на Даме Груев, Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес и на учесниците во Илинденското востание во селото Смилево, гробницата на 15 востаници во Слепче, а тука се и повеќе споменици од периодот на НОБ – рече министерот Алаѓозовски.

Според министерот за култура, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато културно наследство и да придонесуваме за одржлив културен развој на земјата, насекаде и за сите граѓани еднакво. – Богатствата што се секаде околу нас не се само обврска и завет, туку и ресурс што може да помогне да го донесеме тој развој, како и инспирација за и ние да оставиме вакви вредности за идните генерации – истакна Алаѓозовски.