На 4 февруари оваа година, во реномираната сала „Флаже“ во Брисел, ќе се одржи камерен концерт во рамките на проектот „Европски оркестар на современи композитори“, кој е еден од најважните културни проекти на Европската алијанса на композитори и сонграјтери. Ова е третпат ист композитор, Михаило Трендафиловски од Македонија, да биде меѓу избраните автори чии композиции ќе прозвучат на овој концерт, што претставува своевиден преседан во досегашната историја на проектот, кој беше почнат во 2013 година. Трендафиловски живее и работи во Лондон. Во Брисел, по пат на анонимен конкурс, уметничкиот одбор од пријавените педесетина композиции одбра вкупно седум, меѓу кои се најде и делото „Трио-О“ за флејта, виолина и пијано на Трендафиловски, кое овој пат ќе го изведе ансамблот „Фрактелс“.

Европската алијанса на композитори и сонграјтери ги обединува композиторите во Европа од сите жанрови (сериозна, популарна и филмска), ги брани и промовира правата на музичките автори на национално, европско и меѓународно ниво преку сите достапни правни средства, како и преку низа значајни културни проекти со кои се зголемува нејзината видливост. СОКОМ е член на алијансата од нејзиното основање во 2006-та.