Скулптурата „Карапејс оф бјути 2“ се наоѓа во постојаната поставка на музејот „Позеум“ од Ричмонд

Македонската уметница Елпида Хаџи-Василева, која живее и работи во Велика Британија, повторно ѝ го привлекува вниманието на светската јавност. Имено, таа е позната по тоа што секогаш сака да експериментира со неконвенционални и отфрлени материјали во создавањето на нејзините дела, користејќи ги отпадните производи од месната индустрија. Нејзината скулптура со наслов „Карапејс оф бјути 2“ („Carapace of Beauty 2“) неодамна е откупена од страна на музејот „Позеум“ од Ричмонд, Австралија, и се наоѓа во неговата постојана поставка. За ова дело уметницата користела омасум или трета преграда од желудник на крава, јагнешко црево, пластична цевка и рачно изработено дрво од даб, со димензии 20 см x 30 см x 26 см.
– Делото „Карапејс оф бјути 2“ беше создадено за изложбата „Изработка на убавина“ што се одржа во галеријата „Џанагли“ во Нотингем, во август 2016 година. Можам да кажам дека всушност е инспирирано и направено во соработка со академици од медицинските оддели на универзитетите во Нотингем, Источна Англија и Лондон.

Истражувачката работа на овие научници, која е многу ценета на полето на здравата исхрана, е нивна активност во откривање и развивање високоспецијализирани, невидливи за голо око, произведени делови што даваат решенија за медицинските проблеми. Скулптурата ја нагласува кревкоста на нашите тела и наедно ја одразува деликатната природа на овие медицински компоненти. Мене навистина ми претставува огромно задоволство што токму во ова време на пандемија, несакана изолација и борба за здравјето на човештвото делото беше препознаено и откупено за да биде дел од колекцијата во музејот „Позеум“ – објаснува Елпида Хаџи-Василева. И покрај ограничените можности за работа во услови на пандемија, Хаџи-Василева постојано е активна и работи со материјалите што ги има во нејзиното ателје. Моментално подготвува изложба што е закажана за август оваа година.