Францускиот институт во Скопје и Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје вечерва во 18 часот ја отвораат изложбата „ДеликАРТесна продавница“ во просториите на Францускиот институт, кој преку оваа манифестација го продолжува циклусот „ИН Витрини“ во рамките на кој се претставија школата за стилизам и моделизам „Изет Цури“ и Институтот за моден дизајн при Технолошкиот факултет во Скопје.

„ДеликАРТесна продавница“ е изложба на студентите на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, од катедрите за моден дизајн, графички дизајн и дизајн на ентериер. Претставува интересен спој на модни креации и дизајн-решенија произлезени од сите три катедри, од наставната програма на Факултетот за арт и дизајн, под менторство на наставниот кадар: Јана Манева- Чупоска, Гордана Вренцоска, Зоран Ѓурески, Маја Кировска, Христијан Санев, Маја Ѓуреска, Благојче Наумовски, Иванка Апостолова, Дејан Ивановски, Александра Јовановска, Екатерина Намичева и Елена Макаровска.

Изложбата ќе ја отворат Емануел Рембер, советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција и директор на Францускиот институт во Скопје, и Јана Манева-Чупоска, деканка на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје.