Голема меѓународна изложба во МСУ

Голема меѓународна изложба со наслов „Гледај тука сум без простор“ ќе биде отворена на 29 септември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност. Ќе бидат претставени дела од најрепрезентативни уметници од Југоисточна Европа, кои се дел од уметничката колекција со која располага „Дојче телеком“.
Целта на оваа поставка е да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста од овој регион. Кураторки на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.
– Кураторките селектираа четириесетина дела од уметници како уметничкиот колектив „Словени и Татари“, Дан Пержовски, Хортенсија Ми Кафчин и Ципријан Мурешан од Романија, Ева Котаткова од Чешка, Петрит Халилај и Флака Халити од Косово, Агњешка Полска од Полска, Младен Стилиновиќ од Србијa, Јасмина Цибиќ од Словенија, Даница Дакиќ и Шејла Камериќ од Босна и Херцеговина, Игор Грубиќ, Сања Ивековиќ, Марко Тадиќ и Владо Мартек од Хрватска, Лучезар Бојаџиев, Недко Солаков, Мартина Вачева и Правдољуб Иванов од Бугарија, уметничкото дуо „Мала Варшава“ од Унгарија, Алевтина Какиџе и Володимир Кузнецов, Украина, Нилбар Гуреш и Бенгу Карадуман од Турција – велат од МСУ.
Меѓу современите автори, во колекцијата на „Дојче телеком“ се дела и од двајца исклучителни македонски уметници, Јане Чаловски и Христина Иваноска, чии дела ќе бидат вклучени во изложбата.

– Миграцијата е суштинско искуство на 21 век. Конфликтите предизвикани од новите војни, транзициските непогоди и исклучувачките политики предизвикаа поместување на голем број луѓе на маргините од светот. Прашање за тоа дали постои нешто во посттранзициските држави што соодветно го третира минатото, за да ја прошири социополитичката имагинација, да пропагира нови форми на меѓународна солидарност и да обезбеди основа за продолжување во иднината е повеќе од релевантно. Оттука, претставените дела се политичка критика на „исклучувањето“, овозможувајќи им видливост и културно признавање на оние што се наоѓаат надвор од доменот на политиките, во и надвор од симболичните простори. Делата дозволуваат субверзивни врски, создавање алтернативни системи на ред, револт кон познатите системи и провокација за критичко размислување – велат Гаќина и Попова.

Уметничката колекција на „Дојче телеком“ е иницирана во 2010 година, со намера да направи колекција на современи дела од уметници од Источна и од Југоисточна Европа, кои даваат приказ на состојбите, социјалните и политичките промени по падот на железната завеса. Овие уметници го искусија процесот на општествениот пресврт и преку сопствената биографија. Тие се современи сведоци на драматичните големи и многу мали промени што општествата ги доживеале во последните три децении. Колекцијата се состои од дела што се разновидни во медиумот во кој се работени, почнувајќи од цртеж до дигитални инсталации.
Изложбата ќе биде отворена до 21 ноември.
Отворањето ќе се одржи според пропишаните актуелни владини мерки во услови на пандемија.